Кафе-муабет со Стојан Поповски: Депресијата ја победувам со возење мотор

Најомилен дел од денот ми се утрата, особено кога ќе го слушнам гласот на мојата тригодшна ќерка како ме расонува. ‘Тато станувај, се раздени“, ќе ми викне во шест часот наутро, а потоа си правам кафе, по обичај ладен нес без млеко. Инаку сум човек кој обожава кафе.

Немам некои посебни ритуали на практикување на утрински вежби кога ќе се разбудам. Денот однапред ми е испланиран што се вели до минутка. Постојано имам некакви професионални обврски или тренинзи. Но, секогаш наоѓам време за моето семејство.

Со сопругата си ги делиме домашните обврски и активностите околу нашата ќерка, а за среќа, тука се и нашите родители кои многу ни помагаат околу тоа. Тие многу ни ја олеснуваат работата, особено во време на пандемијава. Не знам што би правеле без нив.

Но и покрај ситните секојдневни проблеми, јас сум човек кој се обидува да остане позитивен. Не е лесно во ова време особено кога гледам многу песимизам и депресија во моето опкружување и кај младите. Чувствувам дека лесно се предаваат во битката со коронавирусот.

Јас од друга страна пак песимизмот и депресијата ги победувам со долгите возења на мојот мотор. Тоа е нешто што ме прави среќен. На тој начин се издувувам ѝ ја ослободувам целата таа негативна енергија во мене.

Моето тело веќе полни 30 години е научено да истрпи големи психо-физички оптеретувања. Кога имам време бегам од цивилизацијата. Верувајте тоа може да замени цел конзилиум на добри психолози и психијатри, кои во овие времиња имаат еден куп работа.

Но, од друга страна ретко се случува да имам слободен викенд во кој ќе можам да го правам тоа што сакам. Викендите обично ги минувам работно и речиси нема ден, а да немам некакви тренинзи. Но, се трудам да издвојам време и за себе, мојата фамилија и најблиските.

Стојан Поповски најдобриот и најтрофејниот македонски триатлонец и селектор на триатлон репрезентацијата

 

 

Scroll to Top