Писателката Ксенија Николова е една од ретките млади автори во Македонија чии книгите се објавени во странство, и тоа на три јазици, англиски, руски и бугарски. Нејзиниот последен роман, „Незадоволна“ пред две недели беше издаден во Англија, а издавачката куќа „Кинглсли“, со која соработува последните години, ја опиша Ксенија како феноменална писателка.
„Сфатив дека е важно авторот да си го најде својот глас и тоа да го направи различен од другите. Јас веќе работам на мојата нова книга, ја пишувам на англиски и пред два дена ја испратив првата верзија кај уредникот во Британија. Мило ми е што по неколку одбивања, договарање, многу испратени меилови, моите книги конечно може да се најдат во книжарниците во Англија, Русија и Бугарија“, вели Николова, која првите книги ги пишуваше во машки род, а сега приказните ги раскажува од женски аспект или како нутрален набљудувач.
Со гордост ни раскажа за успехот што го постигна во странство за кратко време. Особено е среќна што една книга ѝ е преведена на руски, бидејќи по мајка е Русинка.
„Мајка ми живее таму, имам брат, сестра, внуци кои живеат во Русија, па сакав тие мојата книга да ја прочитаат на мајчин јазик. Во март требаше да правиме промоција во Москва, но поради војната, тоа се одложи за некои поубави времиња“, ни кажа таа во разговорот за „Репортер“.
Ксенија во јавноста важи за девојка која искрено говори за сè. Не крие дека се бори со анксиозноста. Првиот паничен напад го имала на 19 години, кога живеела во Америка, но оттогаш научила како да го контролира.
„Тогаш не знаев што ми се случува, но со мојот психотерапевт Розалија најдовме техники како да се ослободам од нападите и да се вратам во реалноста, да сфатам дека ништо од тоа што ме плаши не е вистина. Но најмногу ме смирува кога ќе дојдам дома, тоа е мојата оаза“, ни кажа таа.
Со нејзиниот сопруг, кој е ракометен судија, веќе некое време безуспешно пробуваат да станат родители. Ксенија неколку пати била на различни ин витро третмани, и иако за сега не даваат резултат, не се обесхрабрува.
„Не можам да молчам на толку важна тема кога знам колку луѓе се соочуваат со ова. Неплодноста е многу честа појава, а јас бев изненадена колку луѓе ме исконтактираа и ми кажаа дека го имаат истиот проблем. Чувството дека не си сам во ова прави да ти биде полесно. Тоа е долг, емотивен пат, а неуспехот е нешто што мора да го прифатиш и да продолжиш понатаму. Се креваме со сопругот еден со друг. Некогаш јас не можам повеќе, па тој ми дава надеж, некогаш кога нему му е тешко по неуспешен третман, јас го водам напред. Тој ме поддржува во тоа дека зборувам јавно за неплодноста, бидејќи поминува низ истото што и јас, а и нему му помага кога ќе има со кого да поразговара“, раскажува Ксенија со многу емоции.
Сите овие премрежја во животот ја поттикнаа Николова да ја создаде платформата „Подобри жени подобар свет“. Таму секоја жена ќе може да слушне совети, да прочита информативни текстови, да побара помош. За тоа како функционира платформата, дали некогаш била на ракометен натпревар каде што судел нејзиниот сопруг, колку ѝ е тешко да напише текст за песна ако не ти се допаѓа музиката, но и дали некогаш пак ќе пишува книги во машки род, како што беше во првите три романи, и какви се критиките на читателите од странство… гледајте го интервјуто.
Андријана Јовановска