„Леб и сол“, Есма Реџепова, „Мизар“, „Лева патика“ и „Медена земја“ ќе добијат свои улици во Скопје

Град Скопје ќе ја дополни листата на имиња на улици, која ќе опфати плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот, а на листата се имиња на истакнати личности и групи од областа на градското, националното и светското историско наследство, објави Градот.

Постојниот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име, меѓу нив и познатите групи „Леб и сол“, „Мизар“, „Лева патика“, потоа Есма Реџепова, „Медена земја“ и многу други.

Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња и на женски личности и настани што оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници што живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење.

„Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности, од кои 79 се имиња на жени, а преостанатите 92 се имиња на поими што означуваат поважни настани, топоними и други поими.

Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на Градот”, информира Градот.

Листата на имиња ги содржи предлозите од онлајн-анкетата, спроведена летото 2019 година, на која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи.

 

 

Scroll to Top