Македонка стана Принцеза на Украина

Македонката Илина Соколовска пред неколку дена беше прогласена за принцеза на Украина. Таа на интернационалниот натпревар по ритмичка гимнастика, што се одржа во Харков, го освои првото место и освои златен медал. Ова е прв интернационален натпревар по ритмичка гимнастика на 11-годишната Илина, откако претходно ги освои сите титули во Германија, каде што живее со семејството.

„Се натпреварував со деца од 12 години, тоа генерациски значи една класа поголеми од мене. Но, јас и во Германија се натпреварував со поголеми деца, бидејќи, како што вели тренерот, одамна ги имам совладано сите техники и умешност за помала група. Така беше и сега во Украина. Пресреќна сум, ова е мој прв интернационален натпревар надвор од Германија и конкуренцијата беше голема. Но, едноставно беше мој ден. Се ми тргна од рака и ги победив“, рече Илина за „Репортер“.

Таа додава дека Украинките и Русинките се перфектни и дека гимнастиката е нивен спорт, ама и дека судиите биле фер и дека на нивната одлука не влијаело тоа што доаѓа од друга држава.

„Мислам дека малку се преценија, не очекуваа дека ќе изгубат, дека ќе се случи јас како странец да дојдам и да победам“, вели таа.

На овој натпревар учествуваат само деца кои освоиле првенства во своите држави.

„Јас како освојувач на титули во Германија заминав, победив и ме прогласија за ‘Принцеза на гимнастиката’, оти така им се вика првото место“, ни раскажа Илина.

Таа со семејството наскоро ќе дојде во Македонија за тука да го помине летниот распуст.

„Секое лето доаѓам во Македонија. Додека сум во Скопје тренирам постојано. Веќе четири години тренирам со балерината Мила Ниновска. Морам постојано да ја одржувам кондицијата, а во тоа многу ми помага Нина. Кога сум во Германија, секој ден тренирам по четири часа, заедно со сестра ми Ева, која исто така вежба гимнастика и освојува награди“, вели Илина.

Scroll to Top