Македонските одбојкари избркани од Медитеранските игри во Шпанија

Македонската репрезентација во одбојка е казнета  поади недолично однесување, дивеење и недисциплина  на Медитеранските игри во Шпанија. Затоа тие се избркани од Игрите и ќе се вратат во Скопје.  Од МОК испратија  официјално соопштение и ја потврдија веста за казната на македонските одбојкари.  Се зборува дека одбојкарите се однесувале недолично во олимпиското село за време на Игрите, се забавувале до раните утрински часови, правеле галама и ги вознемирувале другите спортисти, па  дури и дивееле во селото поради што другите делегации реагирале до Македонскиот олимписки комитет.

„Поради недисциплина, недолично и неодговорно однесување манифестирано во Медитеранското село ноќта по последниот натпревар на македонските одбојкари против Шпанија, делегацијата на Македонскиот олимписки комитет одлучи машката одбојкарска репрезентација пред време да биде вратена во Скопје“, стои во известувањето од МОК.

„Репортер“ ги контактираше одбојкарите, кои рекоа дека нивниот официјален став е објавен на фејсбук-профилот на Никола Ѓоргиев.

„По сè што направивме за Македонија, барем ја заслужуваме вистината. Веќе нè осудивте. Ова не го заслуживме“, стои во фејсбук-статусот на Ѓоргиев, која е потпишана од играчите во репрезентацијата.

Македонските одбојкари имаа два пораза на Медитеранските игри, од Египет и од Шпанија.

Scroll to Top