Ноќ на вештерките во „Утринска на Телма“

Водителите Цеце Трајковска и Марко Марк утрово во емисијата „Утринска на Телма“ ги пречекуваа своите гости маскирани. Некои од гледачите што им се јавија во текот на емисијата, но и оние што контактираат со нив преку „Фејсбук“, оставија коментари дека им се допаѓа непосредноста на Цеце и Марк, но имаше и такви на кои не им се допадна што „утринци“ решиле да го прослават Халовин.

„Нашата утринска екипа е космополитска! Очекувавме утринава да имаме и некои негативни коментари со оглед на тоа што ова не е наш празник, но ние сме тука за утрата да почнат со насмевка и позитивна енергија и со таа цел сакавме да го одбележиме денот што сè повеќе се прославува и кај нас,“ рече Цеце за „Репортер“.

Со сличен став е и Марко.

„Имаме утрински пријатели што нè следат во Австралија, Италија, Шведска, а ние на ненаметлив начин сакаме да сме во допир и со светските настани, да донесеме поинаков дух, енергија и луда атмосфера во студиото, да измамиме насмевка кај публиката… Ноќта на вештерките е универзален празник и ден за забава кај луѓето и не навлегуваме во тоа дали ние Македонците мора да преземаме туѓи празници. Оние што нè знаат забележале дека нудиме сосема поинакво телевизиско темпо и се трудиме од поинаков агол да ги споделуваме новитетите. Затоа денес на урбан начин го одбележавме овој 31 октомври“, ни рече Марко.

По завршувањето на емисијата, на Цеце и на Марко им се придружија Елена и Гоце, па четворицата водители објавија заедничка фотографија на која се маскирани и од која се гледа дека секогаш им е забавно кога се заедно.

Scroll to Top