По само еден тренинг, знаеме кое дете го бива за ракомет

Капитенот на македонската репрезентација во ракомет, Кирил Лазаров, на крајот на јуни во Охрид ќе го предводи четвртиот летен ракометен камп за деца. На кампот 300 деца од Македонија и од странство, на возраст од 7 до 17 години, ќе учат ракомет од капитенот Лазаров. Меѓу нив ќе бидат и децата на Кире.

Идејата да се организира школа за млади, талентирани деца што сакаат да играат ракомет првпат тој ја реализираше во 2015 година. Веќе четири години Лазаров ги учи децата на сите финти во ракометот.

„Нестрпливи се и уште сега одбројуваат до доаѓањето во Охрид. Мал проблем ни претставува завршувањето на школската година во Франција што се поклопува со кампот, ама бараме ‘дупка’ во францускиот закон за да можеме сите заедно да присуствуваме на кампот. Сè за спортот и ракометот. Знам, ова не е идеален пример, меѓутоа што се мора не е тешко“, ни рече Кире.

Летниот ракометен камп годинава ќе се одржи по четвртипат.

„Од година во година растеме како проект. Децата и нивните родители го препознаваат тоа. Одговорноста е голема, оти многу родители се одлучуваат да ги пуштат своите деца кај нас. Довербата се стекнува тешко, а лесно се губи. Нудиме многу, а пред сè професионализам и квалитет“, вели Лазаров за „Репортер“.

Заради големиот интерес, кампот и годинава ќе се одржува во две смени од по една недела, од 20 јуни до 2 јули.

„Пробуваме да бидеме разновидни. Освен ракомет имаме и дополнителни активности поради кои децата се чувствуваат задоволни и исполнети во текот на целиот ден. Имаме цел тим на луѓе што се одговорни за секој дел од секоја активност. Ракометот ни е прва и најважна работа, ама знаеме добро да го организираме и слободното време“, раскажува Кире.

Тој вели дека тренинзите се организираат двапати дневно, а ги одржуваат квалитетни тренери.

„Добрите тренерите се најнеопходни да имаме квалитетна работа во текот на тие 7 дена“, вели тој.

Во изминатите три години во кампот тренирале повеќе од 800 деца. Многу сегашни кадетски и младински репрезентативци на Македонија биле дел од овој ракометен камп.

„Кампот нив не ги направи репрезентативци, но придонесе да се заљубат уште повеќе во овој спорт. Има многу талентирани деца, особено од помалите места, кои се ненамерно запоставени во нивните средини со оглед на тоа во какви услови работат. Водиме евиденција и спремни сме да помогнеме на секаков начин тие таленти да не бидат уништени. Доколку побараат совет и поддршка за правилен развој во иднина, сакаме да знаат дека сме тука да им помогнеме“, ни рече Кире.

Тој вели дека по само еден тренинг може да се препознае кое дете е талентирано да биде голман, кое ќе биде добро крило, на кого ќе му оди подобро одбрана, а кој ќе го предводи нападот.

„Уживаме работејќи и дружејќи се со овие деца седум дена. Секој од нивните родители барем еднаш во тие 7дена се одлучува да го посети своето дете. Замислете која фреквенција на луѓе се прави кога имаш повеќе од 300 деца. Горди сме на проектот, но и претпазливи. Растеме од година во година, како по бројност така и со квалитет“, додава Лазаров.

Освен Кире, со децата ќе работат и неколку ракометари од репрезентацијата. Засега не открива кој спортист ќе дојде во кампот, ама приоритет секогаш имаат нашите репрезентативци.

„Камперите својот идол треба да го имаат од нашата Македонија и затоа инсистираме тоа да бидат наши ракометари“, рече тој.

Андријана Јовановска

Scroll to Top