Синот на починатиот пејач Војо Стојаноски заминува за Австралија

Дамјан, синот на починатиот фолк-пејач Војо Стојаноски наскоро ќе замине во Австралија, каде ќе ја има својата прва музичка турнеја. Тој на 26. ноември ќе настапи на Фестивал на македонска храна, па ќе одржи неколку концерти во Сиднеј и Мелбурн, а во Мелбурн ќе пее и за дочекот на Нова година. Во интервју за „Фокус“ тој рекол дека отсекогаш знаел дека ќе се занимава со музика.

„Горд сум што сум син на еден од најквалитетните пејачи во македонската народна музика, и од татко ми научив многу. Кога имав 17 години, со него ја снимивме заедничката песна „Виножито“ која беше моја прва песна. Со неа настапивме и победивме на фестивалот „Гоце фест“. Пред две години започнав активно да се занимавам со музика, имам настапи и веќе снимив десет песни“, рекол Дамјан во интервјуто.

Тој имал 18 години кога починал неговиот татко. Дамјан вели дека ќе го следи патот на татко си и ќе остане верен на народните македонски песни, кои беа најзастапени на репертоарот на Војо.

„Две години активно снимам песни, спотови, имам настапи. Продолжувам во духот на македонската народна песна и ќе го негувам тој мелос. Знам дека татко ми би бил горд на мене и тоа ми е доплнителен мотив да се посветам со уште поголема страст на музиката“, додал Дамјан, кој е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек соло пеење.

Годинава, на 32 издание на фолк фестивалот ,,Валандово’’ го освои првото место со песната ,,Мојот народ’’.

Scroll to Top