„Торонто експрес“ се чита два пати, на трезно за да се смееш и на пијано за да плачеш: Ѕоф ја промовираше новата книга

By

Пријатели, соработници и јавни личности вчеравечер дојдоа на промоцијата на книгата „Торонто експрес“ на авторот Зоран Спасов Ѕоф во книжарницата „Литература“ во Ист гејт мол. Книгата е апдејт на „Тибам штркот“ и ова беше доволна причина на едно место да се соберат љубителите на добрата книга. Авторот, пак, во опуштената атмосфера, со евргрин музика и чашка муабет, ја потпишуваше својата книга поради која наголемо се спрема и истоимената комедија во МНТ, со премиера на 15 декември.

dobivaj vesti na viber

Спасов Ѕоф не ја криеше возбудата. Сподели и по некоја приказна за тоа како почнал да ја пишува  „Торонто експрес“, комедија за македонските иселеници што живеат во Канада. Вели, сè што е напишано е вистина, која му се случила нему или на некои од луѓето што ги познава. И баш автентичноста на приказните ја прави книгата лесна за читање и прераскажување.

 

На промоцијата, на која меѓу гостите беа и Ребека, Благоја Чоревски, Јани Макрадули, говореше и Јанко Илковски, долгогодишен пријател и соработник на Ѕоф.

„Книгата ја прочитав два пати. Првиот пат на трезно и умрев од смеење. Вториот пат ‘Торонто експрес’ ја читав на пијано и ме раскплака, оти ја сфатив тажната судбина на иселениците и му влегов во кожа на Ѕоф, кој и самиот едно време живееше во Канада“, рече Јанко.

Со многу емоции за книгата зборуваше и глумецот Александар Микиќ. Тој го глуми ликот на Божо Вампир во претставата „Торонто експрес“, урнебесната комедија која следната недела ќе ја има премиерата во МНТ.

Микиќ раскажа за своето пријателство со Ѕоф, но и како збирката есеи „Тибам штркот“ му оставила толку силен впечаток, што со години сакал да ја преработи во претстава.

„Оваа книга е дополнување на она што Ѕоф, јас и Јордан Симонов ќе ѝ го понудиме на публиката во претставата ‘Торонто експрес’. Дојдете да ја погледнете, нема да си заминете рамнодушни“, рече Микиќ.

Секој што ќе ја купи книгата во промотивниот период ќе добие и билет за претставата. Премиерата на комедијата „Торонто експрес“ ќе биде на 15 декември, и ќе има уште три извдби до крајот на годината. Од следната година оваа претстава ќе биде на редовниот репертоар на МНТ.

Редакција Репортер

Ќе ви се допадне