Васил Зафирчев: Театарот во Велес промовира три нови претстави

Денес напладне на големата сцена на театарот „Џинот“ во Велес премиерно ќе биде прикажана претставата за деца „Волшебникот од Оз“, базирана врз ликовите од детската книга „Прекрасниот волшебник од Оз” на Л. Френк Баум.

„Претставата е во драматизација на Катерина Момева, а режисер е Александар Ивановски. Во претставата настапуваат Талија Настова, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Марија Стефановска, Александар Велјановски, Маја Љутков, Кети Борисовска и Драгана Босниќ. ’Волшебникот од Оз’ е претстава за мудроста, способноста да се сака и храброста“, вели актерот Васил Зафирчев за „Репортер“.

Во фаза на подготовка на театарот е хит-комедијата „Вдовицата се мажи“, работена според „Мечка“ на А. П. Чехов, а во режија на Младен Крстевски. Премиерата се очекува до крајот на ноември, а улогите ги толкуваат Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски.

„Деновиве театарот започна и со подготовка на претставата „Тоалет за дами“, работена според истоимениот текст на венецуелскиот автор Родолфо Сантана, во режија на Деан Дамјановски. Во претставата ќе настапува целокупниот женски ансамбл на театарот, заедно со уште двајца актери мажи. Трите театарски продукции театарот ги реализира од сопствени средства“, вели Зафирчев.

Од 2009 година Васил е уметнички раководител на театарот, но настапува и како актер во повеќе претстави.

„Задоволство е да се придонесува за развојот и просперитетот на театарот од позицијата на уметнички раководител, но за мене најголемо уживање е работата во мојата примарна актерска професија преку која на најдобар начин креативно и творечки можам да придонесам за квалитетот на театарските продукции“, додава актерот.

Минатиот месец во „Џинот“ се одржал театарски маратон, на кој биле прикажани три хит-претстави, а кој предизвикал огромен интерес кај публиката.

„Со дел од претставите театарот гостуваше во повеќе центри за култура во земјава, а настапивме и на неколку домашни и странски фестивали. ‘Волшебникот од Оз’ ќе има над 10 изведби за учениците од основните училишта од Велес и околината, а во план се и идни гостувања со овие три најнови продукции на театарот“, ни рече Васил.

Театарот во Велес отсекогаш имал најголема поддршка токму од публиката.

„За публиката доаѓањето во театар е чин од социјалната култура на градот. Публиката во континуитет масовно ги посетува сите претстави, што за нас е најголем мотив и сатисфакција за осмислување соодветна културна понуда која ќе ги задоволи барањата и потребите на нашата верна театарска публика“, рече Зафирчев.

Андријана Јовановска

Scroll to Top