Актерката Јелена Јованова во романтичната комедија „Нешто слатко“ се појавува во улогата на амбициозната пиар агентка Каја, чија работа зависи од исходот на проектот на гостувањето на познат маркетинг гуру од Македонија, во случајов Сашко Коцев, односно Аце Мајсторовски. Пропуштениот лет на Мајсторовски, го прави заплетот во филмот и комичните сцени кои се провлекуваат.
„Нешто слатко“ премиера имаше во саботата во Скопје во Синеплекс, на која присуствуваа актери и јавни личности.
За Јелена, улогата на Каја било предизвик затоа што долго време немала снимано проекти на хрватски во кои треба течно да го зборува јазикот.
„Долго немав играно на хрватски. Никогаш не сум работела романтична комедија и со Сашко никогаш во кадар се немаме сретнато како директни партнери. И многу одамна пред да почне снимањето на „Нешто слатко“ немав работено на хрватски јазик, како тоа течно, природно и автентично ќе го извозам на хрватски во овој жанр“, изјави Јелена Јованова за Репортер, која неколку години живее во Хрватска.
За премиерите во Љубљана и Загреб имала трема како филмот ќе биде прифатен од публиката.
„Имавме трема да бидам искрена како ќе биде прифатени. Не интересираше како тој микс на сите глумци во регионот ќе бидат прифатени во секоја од земјите каде што имавме премиера. Првата беше во Љубљана, нормално дека бевме под мал стрес меѓутоа публиката уживаше. Потоа ми беше стресно во Загреб, затоа што ова е жанровски филм и таму сум домаќинка. Премиерата помина супер, и потоа тајно се прикрадов на уште три проекции да видам како публиката ќе реагира и кога сите ќе излезат насмеани, знаеш дека тоа е тоа“, раскажа Јованова.
За тоа како ќе помине филмот во Скопје, Јелена рече дека очекува тука да помине уште подобро, отколку во Љубљана и Загреб, „затоа што нас ни е тука најслатко тука сме си дома“.
Бидејќи филмот бил сниман во Словенија во време на корона пандемијата, таа сподели анегдота околу сертификатите и вакцинацијата за ковид 19.
„Тогаш се криевме сите како да имаме жолта ѕвезда. Дали имаме сертификат, дали на време сме се тестирале, не сме се тестирале, дали сме вакцинирани или не. Еден ден влезе инспекција и седум часа го прекинавме снимањето. Се кревме по соби , за да сфатиме дека тоа не е инспекција за нас, туку за луѓето коишто работат во кујна“, раскажа Јелена.
Актерскиот пар Јелена Јованова и Стјепан Периќ се вљубија пред 10 години на снимање на серијата „Тајни“, се венчаа, а во 2020 година станаа родители на синот Јаков. Мајчинството е тема на која не се одговара кратко, вели Јованова и додаде дека нема поубаво и поодговорно нешто.
Идната година таа заедно со сопругот Стјепан ќе бидат дел од втората сезона на ирската серија „The Vanishing Triangle“.
„Не знам многу детали, затоа што сè уште не е во етер ниту првата сезона, а втората е продадена и треба да се сними идната година“, вели актерката.
Габриела Додевска