(Видео) Наташа Миха има нова песна и го најави првиот албум

Пејачката Наташа Миха има нова песна, „Сè што знам“, за која сними и спот. Поп-песната со модерен звук ја направија Дамир Пух и Наташа, а режисер на видеото е Ѓорѓи Вацев.

„И оваа песна е слична тематски со моите досегашни авторски песни. Таа е динамична и колоритна и испровоцира интимност и игривост во мојот вокален израз. Работата во студио, снимањето, пишувањето текстови ми претставуваат предизвик и задоволство. Секоја нова можност за експериментирање и проширување на границите го буди детето во мене, желно за освојување нови хоризонти. Веќе подготвувам и свој солистички албум кој сакам да биде објавен во блиска иднина“, вели Наташа.

Видеото е снимено на Водно во текот на есента.

„Со Ѓорѓи веднаш се согласивме дека битот на песната е она што најмногу движи. Идејата за возење бесен автомобил во планински предели и есенски колорит ме освои од прва. За време на снимањето имавме супер опуштена атмосфера и одлична соработка. И, секако, возењето беше безбедно“, додава Наташа.

Scroll to Top