Забава, музика, фудбал во фан-зоната, Скопје подготвено за Суперкупот

Скопје е подготвено за големиот фудбалски спектакл – УЕФА Суперкупот, кој ќе се одржи утре, на Арената „Вилип Втори“, каде што ќе се сретнат двата најтрофејни клубови во Европа, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Најголемиот број од активностите што се организирани од страна на Град Скопје ќе се одржат во неутралната фан-зона на Плоштад „Македонија“.

„Изминатиов период направивме сè за Скопје да кулминира во совршена локација за Суперкупот. Градот Скопје преку своите јавни претпријатија активно работеше на исполнување на овие барања и стандарди, на подобрување на изгледот и хигиената во Скопје. Скопското Кале на 26 јули, конечно, светна во боите на Суперкупот. Воедно, за посетителите од странство подготвивме и промотивно видео кое имаше за цел да ги запознае со знаменитостите на Скопје.   Неутралната фан-зона, каде што ќе се одвиваат поголемиот број активности, денеска и утре ќе работи од 11 до 19 часот. Во фан-зоната ќе има  многу активности и богата музичка програма.  Тука сите ќе можат да играат 1 на 1 фудбал, фудбалски тенис, да шутираат пенали, да си ги испробаат своите способност, а ќе имаат можност и да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Суперкупот, Лигата на шампионите и Лига Европа“, рече градоначалникот Трајановски.

На Плоштадот Македонија овие два дена ќе има и многу музика. Вечерва ќе настапат Симона Попоска, диџеј Матс, Кантри диџеј и диџеј Бранчез. Утре настап имаат Сара Мејс, диџеј Дела, Брас брадарс и диџеј Боби.

Scroll to Top