Зад маската и качулката кои се заштитен знак на светски популарниот диџеј Алан Вокер се крие 20-годишно момче со светла коса и тен и речиси незабележливи пеги на лицето. Ретко кој имал можност да го види без маската со која секогаш се појавува на своите настапи. Расположен за разговор, Вокер на интервју се појави без препознатливата маска и качулка. Сепак, пред да се вклучи камерата не заборави да ја стави маската преку лице. Вели: „Ова е мојот заштитен знак, ќе мора да снимаме вака“.
Публиката го засака младиот Норвежанец кога го објави својот прв хит Faded. Една песна беше доволна да стекне светска слава и оттогаш постојано е на листата најдобри светски диџеи и продуценти. Вокер во Скопје дојде утрото пред настапот на фестивалот „Скопје колинг“, што го организира „Авалон продукција“. Ни раскажа дека иако е првпат во Македонија, цел ден останал во хотелската соба за да се одмори пред настапот.
„Моите очекувања се да имам добра публика. Првпат доаѓам во Скопје, па не знам како ќе реагираат луѓето. Ама мислам дека публиката е многу спремна и дека ќе биде луда вечер“ рече популарниот диџеј во интервју за „Репортер“.
Вокер стекна светска слава пред три години. Оттогаш промовираше уште неколку песни што станаа светски хитови.
„Навистина можеш да станеш познат по само една песна. Ама така можеш да останеш хитмејкер со само еден хит. Кога првпат ќе направиш голем хит, мора да си способен да го следиш со нешто ново, исто така добро, дури и подобро, зашто луѓето го очекуваат тоа. Во спротивно ќе те заборават“, ни рече Алан.
Диџејот сега работи на нов албум. На настапот во Скопје тој го промовираше својот последен сингл Ignited.
„Чувствувам дека успеав да се позиционирам себеси во музичкиот свет“, додаде Алан и откри дека сака да сними песна со Сиа, со Џеј Зи или со Бруно Марс.
„Кога бев тинејџер немав големи соништа. Воопшто не мислев дека ќе завршам како диџеј што оди на турнеи, дури и дека ќе бидам музичар. Мислев дека ќе правам музика за забава во мојата соба. Не се гледав себеси како некој што ќе стане славен. Ама музиката тргна нанапред, а планот што го имав за својата иднина не се оствари. Затоа избрав друг правец во животот од она што го планирав за себе“, ни рече Алан.
Не сакаше да ни открие дали има девојка, а поради многуте ангажмани вели дека нема многу време за излегување.
„Мојот љубовен живот варира. Ова не е прашање на кое можам да го одговорам со да или не“, низ смеа рече светскиот диџеј.
Андријана Јовановска