Дадо Топиќ, Неда Украден и Гоца Тржан ќе настапат на 30. издание на „Охрид фест“

На 1 и 2 септември во Охрид на сцената на Долни Сарај ќе се одржи 30-тото издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид- фест-Охридски трубадури“. Ќе одржат Фолк и Интернационалната вечер на кои како што најавуваат организаторите ќе има квалитетна музика, со домашни и странски музички имиња.

Водители на Интернационалната вечер ќе бидат Марјана Станојковска и Васил Зафирчев, додека на фолк вечерта водител ќе биде Каролина Петковска. Први септември ќе биде во знак на македонската фолк музика и ќе настапат Наум Петрески, Зуица Лазова, Петар Нечовски, Нино Величковски, Душко Георгиевски. Додека пак на Интернационалната вечер во ревијалниот дел ќе се појават Гоца Тржан и Принц, Алка Вуица, Срѓан Марјановиќ, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ.

Наградата за промоцијата на музиката на Балканот ќе му припадне на легендарниот Дадо Топиќ, кој ќе ја изведе култната песна „Македонија“ снимена 1973 година, хит стар 50 години, додека Неда Украден ќе добие награда за безвременскиот хит „Зора је“, што ќе го изведе на сцената на Долни Сарај.

На 30-тото издание на „Охрид фест“ влезот на Долни Сарај ќе биде слободен. Организаторите најавуваат уште изненадувања, уште гостувања, покрај вообичаените награди и новинарите во двете вечери ќе доделат награда за песна што најмногу им се допаѓа.

„Во 1994 година започнаа „Охридски трубадури“, што, еве ја продолжуваат традицијата и годинава го имаме 30 издание на „Охрид фест-Охридски трубадури“, се сеќава оснивачот и идеен творец на фестивалот, Григор Копров.

Преносот на „Охрид- фест“ е преку националниот сервис МТВ, а големиот интерес за него го потврдуваат и странските телевизии- фестивалот се гледа и во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна, Грција, Албанија, Бугарија….Годинава во телевизии поддржувачи ја има и Гранд- тв која фестивалот ќе го пренесува во живо.

Scroll to Top