За новото видео на поп-рок пејачката Дани Димтровска, во кое е раскажана приказната за Скопје во 1962 година, се искористени кадрите од документарецот на Бранко Гапо, „Градот покрај Вардар“. Дани вели дека иако тоа не е она Скопје кое таа го знае, сепак, кадрите од спотот идеално се вклопиле во скопската приказна.
„Со Весна Малинова сметавме дека овие кадри од документарецот на Гапо се вистинскиот избор да го прикажеме она Скопје за кое ние само сме слушале, а не го знаеме. Скопје во кое имало и љубов и радост и вредности за кои сметам дека некако ги изгубивме“, вели Дани.
На прашањето кое е нејзиното Скопје, таа објаснува: „Ова Скопје во кое сега живеам, урбано и малку валкано,тука е мојата населба Пролече, но моето Скопје е и коцката на Рекорд, која веќе ја нема, бурекчијата во Центрот каде топка сладолед беше 5 денари, Универзална сала и да не набројувам уште“.
Дека не ги крие емоциите кон својот град говори и нејзиниот најнов албум, „Град за љубов“, кој треба да излезе на есен. Снимени се 8 песни, чиј автор е Весна Малинова, со која Дани соработува 18 години.
„Уште во 1999 година, кога се појавив на Макфест, првата песна ми ја напиша Весна Малинова и од тогаш соработката не престанува. Но, кога ќе направам ретроспектива на моите настапи, стилот, музиката, изминативе години, секако дека се гледа разликата“, искрена е Дани.
Препознатлива по енергичниот музички стил, поп-рок пејачката за себе вели дека и на 80 години ќе биде „пргаво бесно девојче“. Летово ќе го помине работно, со музички настапи и свирки, но колку и да има обврски со музиката, вели ќе најде време и за одмор.
„Јас не сум тип што лежи на плажа на лежалка цел ден. Таков ми е и одморот, по 3-4 дена некаде и се враќам дома. Но, имам време за приватен живот и секако време за себе“, раскажува таа.
Препознатлива по хондата, моторот со кој уживаше во возењето низ градските улици, Дани откри дека иако тоа ѝ било голема љубов, сепак, решила да го продаде.
„Кога го возев едноставно уживав. Ставав слушалки на уши и сама возев до Охрид, до Нови Сад. Дури ни кацигата не ја ставав за да ми се вее коста. Но, ете дојде време да се разделиме “, вели Дани.
Во текот на летото планира да промовира уште една нова песна, која исто така е од новиот албум.
А. Георгиев