Девојка од Струшко донираше бунар за вода во Африка

Неодамна жителите на едно населено место во Танзанија, Африка, добија бунар со чиста вода за пиење. Бунарот е донација од Едита Џемајлоска, млада девојка од струшкото село Подгорци.

Бунарот сега го носи името токму на ова село. Идејата да донира бунар се родила од еден обичен разговор со нејзина пријателка која со семејството живее во Швајцарија, а кои повеќе години финансирале изградба на бунари во Африка.

„Не реков дека ќе размислам, туку реков дека ќе го направам и успеав. Јас како живо суштество, како човек кој има услови потребни за живеење посакав да им помогнам на оние кои го немаат сето тоа. Сигурно дека на овие луѓе им се скрати и времето потребно да набават вода и сигурно сега им е поблиску до нивните домови“, изјави донаторката на бунарот за вода во Африка за „Гласот на Америка“.

Бунарот го изградиле за две недели, а во меѓувреме се гради уште еден ист таков во Танзанија. Едита планира да го посети местото каде што е изграден бунарот и лично да се запознае со условите во кои живеат овие луѓе. Нејзина цел е сега да основа и хуманитарен фонд кој ќе помага секаде каде што има потреба.

Инаку, во изминатите години во повеќе земји во Африка со средства од хумани луѓе од Балканот се изградени десеттина вакви бунари бидејќи локалното население овде се соочува со недостиг на питка вода.

 

Scroll to Top