Интервју со Крис Петровски, Македонец што глуми во хит-серијата „Госпоѓа државен секретар“

Македонскиот актер Крис Петровски глуми во серијата „Госпоѓа државен секретар“ која ја режира и продуцира холивудската ѕвезда Морган Фриман. Покрај Крис, во серијата играат и Теа Леони, Тим Дејли, Жељко Иванек и Кит Карадин. Серијата ќе почне да ја емитува четвртата сезона на 8 октомври на една од најголемите телевизиски куќи во Америка, Си-би-ес.

26-годишниот актер, по потекло од Битола, неколку години живее во Америка и си го пробива патот во филмскиот свет. По дипломирањето на престижната актерската школа „Стела Адлер“ во Лос Анџелес, се сели во Њујорк за да го глуми ликот на рускиот шпион Дмитри Петров уште во првата сезона на серијата.

„Среќен сум што продуцентите ме вратија и за четвртата сезона. Не знаев какви им се плановите за мојот лик. По последната епизода минатата сезона моето враќање беше неизвесно, но крајот беше направен така што навести дека би можела да се развие врска помеѓу Дмитри и ќерката на госпоѓата државен секретар (Теа Леони)“, раскажува Крис за Репортер.мк.

Тој е возбуден што повторно работи со големи актерски имиња, меѓу кои и Морган Фриман, кој и оваа сезона е режисер на неколку епизоди од серијата.

„Благослов е да се работи со овие луѓе. Би сакал да можам да споделам што ќе се случува сезонава, но ќе мора да почекате до 8 октомври“, вели Крис.

Ликот на рускиот шпион Петров кој го глуми во серијата е сосема спротивен од Крис како личност.

Тој вели дека е задоволен е со тоа што го работи во моментов и од правецот во кој се движи неговата кариера.

„Одам на аудиции, напредувам, добивам улоги. Единствен страв ми е дека еден ден би требало да заработувам од некоја здодевна, некреативна работа. Се надевам дека тоа нема да ми се случи никогаш“, додава популарниот актер.

На видеото подолу погледнете ја најавата за четвртата сезона на серијата.

Андријана Јовановска

Scroll to Top