Во Пелагонискиот Регион речиси сите го знаат кловнот Заги. Зад маската на овој популарен кловн се крие Драгана Спасевска, сопруга и мајка на три деца. Таа е дипломирана воспитувачка, ама 9 години работи како кловн. Откако го создала ликот на Заги, неговата популарност расте со појавувањето како водител во детски емисии на две локални телевизии, а учествуваше и во неколку театарски детски претстави. Драгана организираше и хуманитарни настани за помош на деца. Публиката ја забележа и како водител на детскиот фестивал „Сидо”.
„Јас сум дипломирана воспитувачка и до сега сум работела 13 месеци во приватен едукативен центар како воспитувачка, а како кловнот Заги постојам веќе 9 години, но никогаш не сум работела во градинка, и тоа е мојата единствена неостварена желба. Сум се обидела и редовно се јавувам на огласите, меѓутоа во нашата земја изборот за воспитувачки или за кој било кадар во државна институција е малку ‘обоен’, и оние ‘најобоените’ влегуваат на работа, па дури некогаш и без соодветно образование, за жал“, раскажува кловнот Заги за Радар.мк.
Драгана вели дека дипломата 10 години ѝ стои, а и лиценцата ѝ тече втора година. Секој ден си вели дека работите ќе почнат да течат поинаку. „ Мора да се направат големи промени, како за нас, невработените воспитувачи, но најмногу за децата затоа што 15 деца во група е соодветна бројка за работа, за внимание, за следење на успехот, растот и развојот, а 30 деца веќе е дупла бројка и не може само еден воспитувач да ги гледа и учи2, вели таа.
За да стане кловнот Заги добила поддршка од својата мајка. „Откако дипломирав требаше да почнам од некаде. Имаше игротека во нивна близина и сакавме да им понудиме поинаква и добра забава. Па со мајка ми дискутиравме каков лик да бидам, кој би го сакале и машките и женските деца, и одлучив да биде тоа кловнот Заги. А името веќе ми беше дадено – така ме нарекуваа уште кога живеев во Тетово“, вели Драгана.
Иако е среќна со ова што го работи, вели дека многу повеќе би сакала да работи според струката и да биде воспитувач на деца во градина.