Мајка од Неготино работи како кловн оти не ја примаат како воспитувач во градинка

Во Пелагонискиот Регион речиси сите го знаат кловнот Заги. Зад маската на овој популарен кловн се крие Драгана Спасевска, сопруга и мајка на три деца. Таа е дипломирана воспитувачка, ама 9 години работи како кловн. Откако го создала ликот на Заги, неговата популарност расте со појавувањето како водител во детски емисии на две локални телевизии, а учествуваше и во неколку театарски детски претстави. Драгана организираше и хуманитарни настани за помош на деца. Публиката ја забележа и како водител на детскиот фестивал „Сидо”.

„Јас сум дипломирана воспитувачка и до сега сум работела 13 месеци во приватен едукативен центар како воспитувачка, а како кловнот Заги постојам веќе 9 години, но никогаш не сум работела во градинка, и тоа е мојата единствена неостварена желба. Сум се обидела и редовно се јавувам на огласите, меѓутоа во нашата земја изборот за воспитувачки или за кој било кадар во државна институција е малку ‘обоен’, и оние ‘најобоените’ влегуваат на работа, па дури некогаш и без соодветно образование, за жал“, раскажува кловнот Заги за Радар.мк.

Драгана вели дека дипломата 10 години ѝ стои, а и лиценцата ѝ тече втора година. Секој ден си вели дека работите ќе почнат да течат поинаку. „ Мора да се направат големи промени, како за нас, невработените воспитувачи, но најмногу за децата затоа што 15 деца во група е соодветна бројка за работа, за внимание, за следење на успехот, растот и развојот, а 30 деца веќе е дупла бројка и не може само еден воспитувач да ги гледа и учи2, вели таа.

За да стане кловнот Заги добила поддршка од својата мајка. „Откако дипломирав требаше да почнам од некаде. Имаше игротека во нивна близина и сакавме да им понудиме поинаква и добра забава. Па со мајка ми дискутиравме каков лик да бидам, кој би го сакале и машките и женските деца, и одлучив да биде тоа кловнот Заги. А името веќе ми беше дадено – така ме нарекуваа уште кога живеев во Тетово“, вели Драгана.

Иако е среќна со ова што го работи, вели дека многу повеќе би сакала да  работи според струката и да биде воспитувач на деца во градина.

Scroll to Top