Мајкл Џордан донира десет милиони долари на детска организација

Мајкл Џордан, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, донираше 10 милиони долари за детската хуманитарна организација Make-A-Wish. Ова е најголемата донација што организацијата ја примила од поединец откако е формирана пред 43 години.

„Во изминатите 34 години ми беше чест да бидам партнер на Make-A-Wish, при што помогнавме да се донесат насмевка и среќа на многу деца. Нивните сила и издржливост во така тешко време се навистина инспиративни. Не можам да замислам подобар роденденски подарок од тоа да видам други како ми се придружуваат во поддршката на Make-A-Wish“, изјави Џордан, кој наскоро ќе го прослави својот 60. роденден.

Џордан, кој е сопственик на НБА тимот Шарлот Хорнетс, почна да ја поддржува Make-A-Wish во 1989 година. Тој во меѓувреме донирал повеќе од пет милиони долари за детската организација. Тој во 2008 година беше прогласен за главен амбасадор на организацијата.

Scroll to Top