Актерот Игор Џамбазов со емотивна порака се сеќава на неговиот татко, маестро Александар Џамбазов кој почина на 86-години. Денеска на 25-ти јануари се наврши една година од неговата смрт, а актерот преку поезија му се обрати на неговиот татко.
„Помина една година. Цела година. За миг. За час. Помина побргу од која било детска песничка што си ја напишал. Сигурен сум дека си добар таму горе. И нека не ти е мака што не си овде долу, со нас. Да ти кажам искрено стари, ништо не си пропуштил“, стои во емотивната порака на Џамбазов.
Игор му рече маестрото да му чува место до клавирот.
„Медиокритетите и понатаму ни диригираат по сопствени партитури, а ние божем одбиваме да свириме фалш. Она што вредеше во годинава што летна се љубовта и почитта од луѓето за тебе, изразена во малку солзи и уште повеќе насмевки. Нема да ти посакам да бидеш добар, оти таму кај што си, не може да ти е лошо. Чувај ми место до клавирот“, напиша Џамбазов.
View this post on Instagram
Македонски диригент и композито е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и на Ревискиот оркестар. Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјата и странство. Добитник е на голем број стручни награди. Тој е четвртата генерација македонски повоени композитори.
Неговиот творечки опус е многу богат. Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент беше на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска и филмска музика: „Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ и други и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар, „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
Беше во брак со актерката Анче Џамбазова, со која ги има синот Игор и ќерката Тања.