Во јавноста се појави писмо од принцезата Дајана кое го напишала еден месец пред разводот со Чарлс

Новооткриеното писмо од покојната британска принцеза Дајана наскоро ќе се најде на аукција во Калифорнија, во кое таа пишува за нејзината вознемиреност за животот по разводот.

Принцезата Дајана го загуби животот во трагична сообраќајна несреќа на 31 август 1997 година, а сега се откриени некои досега непознати детали.

Едно од нив е новооткриеното писмо во кое Дајана се загрижила за новиот сингл живот пред разводот со тогашниот принц, сегашен крал Чарлс.

Дајана го напишала писмото до претседателот на Кралската Новозеландска фондација за слепи, а наскоро ќе биде понудено на аукција од Julien’s Auctions и Turner Classic Movies во Беверли Хилс, Калифорнија.

Дајана поднесе оставка како покровител на здружението преку писмо, а како причина ги наведе личните околности, особено нејзиниот брак со принцот од Велс, пишува „Телеграф“. Во него, таа објасни како не може да го понуди нивото на посветеност што ја бара нејзината улога затоа што морала да го реорганизира својот живот. Таа истакна дека со голема тага ја пишува својата оставка од функцијата покровител на добротворната организација.

„Како што знаете, моите лични околности, особено мојот брак со принцот од Велс, беа предмет на опсежни анализи и шпекулации во последните месеци, а тоа наскоро ќе биде официјализирано на вообичаениот правен начин. Иако со надеж ја гледам иднината, тоа го правам и со трепет бидејќи има многу прашања што ќе треба да ги решам. Додека се обидувам да го реорганизирам мојот живот, нема да можам да го обезбедам вистинското ниво на посветеност и верувам дека можеби ќе има некој друг кој е посоодветен да ве поддржи во сето она што го правите“, напишала Дајана во писмото од 15 јули 1996 година, еден месец пред да се разделат Чарлс и Дијана официјално на 28 август 1996 година.

Аукциската куќа Julien’s, каде што претходно необјавеното писмо е ставено на аукција, се фокусира на аукции од висок профил во областа на филмот, музиката, уметноста и спортот. Во претходните години, избрани предмети на принцезата веќе беа понудени на аукција, иако некои колекционери се противеа.

Еден од најпознатите предмети на Дајана што се појавија на аукција е иконскиот црн, одмазднички фустан што го носеше откако Чарлс на телевизија призна дека ја изневерил со Камила Паркер Боулс.

Во летото 1997 година, непосредно пред нејзината смрт, Дајана ставила дури 79 нејзини фустани на аукција во Кристи во Њујорк. Приходите од нивната продажба беа поделени меѓу неколку организации, вклучително и добротворни организации поврзани со борбата против ракот и СИДА-та.

Одмаздничкиот фустан кој првично ја чинеше принцезата 900 фунти е продаден на истата аукција за неверојатни 39.098 фунти, што денес би вредело повеќе од 85.000 фунти.

Фустанот на Дајана го купиле Грем и Бриџ Мекензи, шкотска двојка кои потоа откриле дека ќе продолжат да го користат за собирање пари за добротворни цели. За да ја одбележи 20-годишнината од смртта на Дајана во 2017 година, одмаздничкиот фустан беше прикажан во Музејот на стил во Њубриџ, Ирска, на нивната изложба „Дајана: Модно наследство“.

Scroll to Top