Ако забележувате нерамномерна текстура на кожата или црвенило, па и пецкање, тогаш можеби вашата кожа е „истрошена“ и оштетена од користење многу продукти, од надворешни влијанија или од често менување на рутината за убавина.
Таканареченото „прегорување“ или „истрошеност“ (burnout) го поврзуваме со ментална истрошеност. Но, истиот збор може да се искористи и за состојба на кожата.
Кожата може да се „истроши“, односно да ѝ се оштети природната бариера од разни фактори, како изложеност на сонце без заштита.
Но, ова може да се случи и ако премногу често менувате продукти за нега или ако користите продукти кои не се соодветни за вас. Исто така, може да се јави и ако користите многу активни состојки, како ретинол и нијацинамид, или погрешно ги комбинирате.
Симптомите на „истрошена“ и „изморена“ кожа можат да бидат предизвикани и од други работи, како алергиски реакции.
Но, ако забележувате повеќе симптоми или не можете да ја одредите причината, можеби навистина станува збор за таканаречен burnout на кожата.
Шест знаци дека кожата ви е „истрошена“ и „изморена“:
Нерамномерна текстура
Ако природната бариера на кожата е нарушена, тогаш може да забележите нерамномерна текстура.
Кожа што се лупи
Кога бариерата на кожата е оштетена, тогаш таа може да почне да се суши, па да забележите места на кои дури и се лупи.
Во овој случај може да чувствувате и чешање.
Постојана појава на исип
Постојат разни причини за појава на исип – на пример, алергиска реакција.
Но, ако често забележувате исипи, тогаш можеби вашата кожа е „истрошена“ и не може да се штити од надворешните влијанија.
Уморен изглед на кожата
Ако кожата на лицето ви изгледа бледо и уморно, дури и кога сте наспани и одморени, можеби е „истрошена“ и треба да направите промена во рутината за убавина.
Црвенило
Ако забележите црвенило, па и чувство на пецкање, особено кога нанесувате некој продукт, можно е вашата кожа да биде истрошена.
Чешање и чувство на затегнатост
Повторно поради нарушената природна бариера, кожата станува посува, па може да ви делува како да ви е позатегната.
Во некои случаи може да чувствувате и чешање, дури и ако немате исип или кожа што се лупи.
Што можете да направите?
Доколку сте ги забележале овие промени откако сте почнале да користите некој продукт, тогаш можеби треба да престанете да го употребувате.
Размислете и дали можеби некои од продуктите што ги користите се премногу агресивни за вашата кожа.
За да го спречите ова во иднина, немојте многу често да ги менувате продуктите за убавина и држете се до оние кои забележувате дека ѝ годат на кожата.
Исто така, не заборавајте да ја заштите од надворешните влијанија – на сонце ставајте крем со фактор, кога воздухот е многу сув или кога е ветровито, користете продукти за хидратација…
Доколку состојбата на кожата не ви се подобрува, секогаш е добро да се консултирате и со дерматолог.