ВТОРАТА НАЈУБАВА ЖЕНА НА БАЛКАНОТ СОВЕТУВА: Бикини без волумен за големи гради, за мали со карнер

Манекенката Андријана Илиоска (17) од Скопје е прва придружничка на Изборот за убавина „Мис Балкан“, кој се одржа во Белград, Србија. Андријана беше избрана во конкуренција со 20 девојки, учеснички на изборот за убавина. Претходно таа ја освои титулата „Бест кетволк“- најдобро движење на сцена на „Мис Еуроазија“, избор за убавина што се одржуваше во Анталија, Турција.

„Големото финале се одржа во прекрасниот луксузен хотел ’Гранд Луксари’ каде во конкуренција од 40 девојки ја освоив титулата за најдобро движење на сцената“, вели Андријана, која е членка на модното студио „Црнокрак“. Ученичка е во средното училиште „Васил Антевски-Дрен“, правна насока и вели дека сè уште размислува на кои студии да се запише по завршувањето на средното школо.

Неодамна се врати од летување во Грција, но вели дека деновиве ги спрема куферите за повторно да замине на море, но и до Охрид. „Секое лето пред да заминам на одмор сакам да купам нов костим за капење. Не секогаш е лесно да изберам, а верувам дека повеќето девојки и жени го имаат истиот проблем. Затоа решив да споделам некои совети и да ги охрабрам“, вели првата придружничка на Мис Балкан.

Таа смета дека и најубавите жени и девојки имаат маани и недостатоци, колку убаво и да изгледаат. Затоа, вели Андријана, не треба никој да се срами од сопственото тело или изглед, особено в лето, кога на плажа треба да го облече костимот за капање. „Секоја девојка има различна форма на тело.

Постојат делови од телото кои девојката сака да ги истакне или, пак, да ги покрие. Затоа, кога се купува костим за капење треба внимателно да се одберат типот, формата, бојата. Ние сите сме убави на свој начин и никој од нас не треба да се срами од својот изглед“, вели Андријана.

„Доколку имате мали гради, не треба да се разочарувате затоа што добрата вест оваа сезона се големите карнери, кои се полни со волумен и понатаму се главен тренд. Карнерот му дава волумен и длабочина на деколтето, исто така моделите со карнери ги нагласуваат рамената па и тие изгледаат поженствено и заводливо. Ако пак имаат големи гради, тогаш не е потребно да се купува костим за капење со волумен.

„Дамите“ вели Андријана, „кои имаат проблем со килограмите, односно сакаат да го покријат стомакот, најдобро би било да носат едноделен костим за капење. „Во однос на нијансите, изберете модел во потемна боја или, пак, црно-бела варијанта, која никогаш не излегува од мода“, додава првата придружничка на Мис Балкан. Андријана соработува со модното студио „Црнокрак“ веќе една година.

Досега била ангажирана на многу настани, меѓу кои и фотосесии, ревии, спотови, снимање реклами, промоции и интернационални избори за убавина каде што освоила значајни титули.

А. Георгиев

 

 

Scroll to Top