Поп-пејачот и композитор Жељко Јоксимовиќ на 11 ноември ќе одржи концерт во Скопје во Арената „Борис Трајковски“ . Балканската музичка ѕвезда во интервју за „Репортер“ ни откри што подготвува за македонската публика, но освен за музиката разговаравме и за неговиот приватен живот, за семејството, за тоа како е да се биде татко на четири деца.
Во пресрет на претстојниот концерт, Јоксимовиќ вели дека овој пат тоа ќе биде поинакво од лани, кога одржа неколку концерти во МОБ.
„Секој мој концерт е различен. Лани беше ‘Два света’ со Биг бенд, предновогодишна атмосфера, такви беа и песните… Овој концерт на 11 ноември е стандарден концерт на кој мојата публика е навикната и која знам дека е спремна за добра атмосфера“, вели Јоксимовиќ
Тој ни раскажа дека кога е во прашање Скопје и воопшто македонската публика, не може, а да не го спомене концертот на Градски стадион, кој е негов најмасовен и најпосетен концерт воопшто.
Задоволен од новата песната „Милиметар“, вели дека ги руши рекордите на гледаност и слушаност, но и дека не се согласува дека песната потсетува на оние со кои ја почна кариерата.
„Публиката баш ја прифати добро оваа песна“, додава балканската ѕвезда.
Неодамна неговата сопруга Јована се породи со близначките Ана и Сара. Жељко е татко на четири деца и вела дека тоа е феноменално чувство.
„Сè уште не сум ни свесен дека дома стигнаа две девојчиња. Сега се мирни бебиња, само спијат и јадат. Искрен да бидам, Бог многу ни подари. А тука е синот Коста, кого го подготвувавме дека ќе дојдат бебињата. Емотивен е, разбран, засега не е љубоморен“, открива српскиот композитор и поп-пејач.
Горд на својата најстара ќерка Мина, вели дека таа е веќе голема девојка, која иако помага дома, сепак, има свои обврски со студиите на музичката академија.
А во целата оваа семејна приказна, за која вели „ние сме задоволно семејство“, го прашавме како се снаоѓа сопругата Јована.
„Не ѝ е лесно, но таа реши дома да направи добра организација и со одлуките кои ги донесе навистина можеме, и покрај толку деца, да имаме време и за нас“, искрен е Јоксимовиќ.
Александра Георгиев