40 ученици од основни училишта од Германија, Норвешка, Естонија, Романија и од Северна Македонија, ја посетија велешката фабрика БРАКО, во рамките на програмата „Еразмус +“ и проектот „Професии за иднината“.
За време на посетата, еден од инженерите во БРАКО, Костадин Атанасоски, ги запозна учениците со работењето на фабриката и ги охрабри да го продолжат своето понатамошно образование во некоја од техничките струки.
Инженерот Атанасоски им пренесе на учениците што значи директно да се учествува во развивањето на нови производи со висока додадена вредност и да се подобруваат веќе постоечките, и со нив да се биде конкуренција во светски рамки.
Атанасоски го нагласи примерот со возилата за одржување јавна хигиена, од кои единственото возило од оваа категорија во светот кое работи на погон на водород е целосно развиено и произведено во БРАКО, како и 5 нови модели на возила на електричен погон, и сето тоа е направено од страна на инженерскиот тим во фабриката, што носи голем професионален успех и лична сатисфакција за секој кој учествувал во проектот.
Организатор на посетата во рамките на проектот, „Професии за иднината“ беше основното училиште “Методија Митевски Брицо” од Лозово, кое го избра БРАКО како компанија која може да им помогне на учениците во нивната одлука за идната професија, со оглед на тоа што БРАКО е светски познат македонски бренд кој постојано следи и инвестира во нови современи технологии,иновациите, истражување и развој.