Арктикот се загрева четирипати побргу од Земјата

Арктикот се загрева четирипати побргу од остатокот од Земјата, покажа новата анализа на температурите. Во последните 50 години трендот на затоплување двапати бележи нагли скокови.

Според научниците, најмалиот временски период што може да се земе како пример во проучувањето на промената во климатските услови досега се сметаше дека е 30 години. Сепак, еден истражувачки тим го намалил овој период на 21 година, а резултатите од истражувањето ги објавија во Geophysical Research Letters. Ова им овозможило да забележат две нагли промени во температурните трендови, и тоа во 1986 и во 1999 година. Овој тим вклучува членови од американската Национална лабораторија во Лос Аламос, Универзитетот „Источна Англија“, PAR Associates, Универзитетот „Вашингтон“, Пацифичката океанографска еколошка лабораторија и Универзитетот „Далхаузи“.

Топењето на ледената покривка на Гренланд предизвикува промени на климата и пораст на нивото на морето што им се заканува на огромен број крајбрежни локации. Според научниците, ако промените се следат деценија по деценија, прецизно ќе може да се проектираат идните климатски промени и полесно ќе се прават плановите со кои ќе може да се ублажат последиците.

Во студијата е пресметано дека индексот на интензивирање на промените на Арктикот е поголем од четири во раните години на 21 век, што е четирипати побргу од глобалната средна вредност и е значително побргу отколку што беше утврдено во претходно објавените истражувања кога за основа се користеа временски интервали од 30 до 40 години. Овие студии го поставуваа индексот помеѓу 2 и 3.

Истражувачите првиот скок му го припишуваат на зголемувањето на концентрациите на јаглеродниот диоксид и на другите загадувачи во атмосферата, но вториот чекор сметаат дека се должи на климатската варијабилност бидејќи тој не се покажал кај ниту еден од другите досега користени модели. Краткорочната климатска варијабилност вообичаено поминува неоткриена од климатските модели поради долгиот временски период од 30 години што го земаат како основа за моделот.

Новата студија директно не ја посочува причината за овие релативно ненадејни температурни скокови, но авторите претпоставуваат дека, најверојатно, се работи за повратните влијанија од топењето на морскиот мраз и водните испарувања во комбинација со промените во движењето на атмосферската и океанската топлина на Арктикот.

 

Scroll to Top