Целосно реставриран двокатен автобус што го користеа Пол Макартни (81) и неговиот бенд Вингс на нивната европска турнеја во 1972 година ќе биде ставен на аукција следниот месец и се очекува да достигне цена од 200.000 до 300.000 американски долари.
Поранешниот Битлс, Макартни и неговата покојна сопруга Линда го формираа бендот „Пол Макартни и Вингс“, познат како Вингс, со тапанарот Дени Сајвел и гитаристот Дени Лејн во 1971 година по распадот на легендарниот бенд.
Во летото 1972 година тие тргнаа на турнејата Wings Over Europe, патувајќи во двокатен автобус Бристол KSW од 1953 година.
– Пол и Линда имаат две мали девојчиња, двајцата членови од бендот имаат и жени и деца и Пол не сакал да бидат во затворен автобус. Сакаше нешто забавно – изјави Мартин Нолан, основач на Julien’s Auctions, која го продава возилото на аукција следниот месец.
Автобусот, обоен однадвор во сина, црвена, зелена и жолта боја, со психоделичен дезен, како одраз на хипи стилот на таа ера, посети девет европски земји на таа турнеја.
Пронајден во Шпанија во лоша состојба и вратен во Британија. Сопственикот го вратил во целосно функционален автобус кој изгледа како оригиналот.
– Автобусот патуваше низ југот на Франција, Германија и Финска… забавно лето со бендот Вингс – рече Нолан.
На аукцијата, која ќе се одржи од 16 до 18 ноември, ќе бидат продадени околу 1.000 предмети, меѓу кои и гитари свирени од Ерик Клептон и Курт Кобејн. Аукцијата ќе се одржи во кафулето Хард Рок во Нешвил и онлајн.