Бесплатни концерти на Симон Трпчески во Штип и Битола

Пијанистот Симон Трпчески ја продолжува мини-серијата концерти со македонската премиера на интернационалниот музички проект „Македонисимо“.

По настапите во  струшкото село Збажди и во Скопје, во недела на 25 септември на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип и во понеделник на 26 септември на платото пред Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 19 часот, Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонсимо“.

Проектот што по идеја на Трпчески на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, ја изведува уникатниот тим на Македонсимо квинтетот, во кој, покрај Симон Трпчески на пијано, членуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.

И оваа изведба, публиката ќе може да ја проследи бесплатно.

Scroll to Top