„Брако“ инвестира 10 милиони евра во нови еколошки технологии и нови производствени капацитети

– Фабриката „Брако“ денеска во Велес ги промовираше најновите инвестиции вредни 10 милиони евра во новите еколошки линии за производство на поцинкувана жица, кои значат нов концепт и бројни предности, во изградба на фотоволтаична електрана, како и изградба на нов погон за производство на возилата за одржување хигиена од брендот „Грин Машинс“.

Менаџментот на компанијата предводена од извршниот директор и претседател на Управниот одбор, проф. д-р Кочо Анѓушев последните вложувања во проширување и осовременување на производствените капацитети на „Брако“ ги презентираше во присуство на претседателот на Владата, г-динот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања, г-динот Фатмир Битиќи, градоначалникот на општина Велес, г-динот Марко Колев, претседателот на Стопанската комора на Македонија, г-динот Бранко Азески како и други претставници на централната и локалната власт, гости од бизнис секторот и бројни соработници на компанијата. Гостите имаа можност да ги разгледаат новите и постојните производствени капацитети и беа запознаени со проектите за инвестициите кои во наредниот период ќе се реализираат во фабриката.

„Промовираме инвестиции во вредност од 10 милиони евра овде во фабриката „Брако“, додека вкупно 22 милиони евра заедно во сите придружни компании. Горди сме што голем дел од тие 10 милиони евра се инвестираа во машини, а само 30 отсто во хали. Се купуваше интензивно нова технологија, се купуваше интензивно тоа што е најсовременото во светот, за да се постигне најголема продуктивност. Затоа што продуктивноста има само едно име, а тоа е дека треба да имате технологија и да имате know-how. Кога сме кај технологијата неопходно е да кажам и дека енергетската криза или финансиската како што јас ја нарекувам, се обидовме да ја ублажиме со инсталирање на фотоволтаици на халите во ’Брако’ и ќе продолжиме во тој правец како и со купување на нова технологија. Денеска сме тука заради три поводи. Првиот повод е да ја пуштиме во работа и да ја претставиме најновата линија за поцинкувана жица која што е единствена и прва во Европа, американска технологија произведена во Шпанија и ова е прва инсталација на таа опрема на европско тло. Комплетно еколошки, без загадување, без киселини, без мазут, без водород и азот. Со ова речиси двојно го зголемивме капацитетот од постојни 400 тона месечно, на 700 тона месечно, а сега додаваме уште шест нови линии и тоа производство ќе биде 1.500 тона месечно поцинкувана жица. Старата хала комплетно ја реновиравме, инсталиравме современи машини за производство на федер жица за душеци. И третата , на која што сум посебно горд, тоа е градба на комплетно нова хала за ’Грин машинс’ каде што ќе се произведуваат најновите модели од возила што е најголема придобивка од целиот овој развоен циклус. Двојно ќе се зголеми капацитетот на производство на возила и таму ќе се произведуваат новите модели кои што се развиваат од цртеж до готов производ во рамките на оваа фабрика“, истакна проф. д-р Кочо Анѓушев.

Новите инвестиции во технологија и човечки ресурси особено од домашните компании, како што нагласи претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се значајни за економскиот развој особено во услови на најголемата светска криза.

„Овие инвестиции се многу значајни и нивната вредност е уште поголема со оглед на тоа што се случуваат во моменталните услови на економско – енергетска криза. Новите инвестиции дополнително значат и раст на бројот на работни места, како и натамошно осовременување на производните капацитети“, истакна Ковачевски во својот говор при посетата на „Брако“.

Развојот на фабриката „Брако“, како што истакна градоначалникот на општина Велес, Марко Колев во своето обраќање, е клучен и за општината и изрази задоволство од последните инвестиции и плановите на менаџментот за модернизација и проширување на производството.

„Задоволство ми е што денес сме овде токму за таква причина. Фабриката „Брако“ е едно од обележјата на Велес, чии производствени капацитети се познати во Македонија, но и во светот. Со овој настан денес одбележуваме уште еден нов инвестициски циклус на оваа фабрика кој во повеќе аспекти ќе биде од исклучително значење за економскиот раст и развој на градот“, истакна градоначалникот Колев.

Новите инвестиции во „Брако“ значат нулта емисија на јаглероден диоксид во воздухот, четири пати зголемено производство со врвен квалитет, без опасни хемикалии, без влијание врз животната средина, без испарувања, без отпад.

Одговорноста кон животната средина, загарантираната конкурентска предност и зголемениот обем на производство на поцинкувана жица, кои што заедно со другите производи од програмата за жичани производи се очекува да достигне и до 3.000 тона месечно производство, се клучните фактори за инвестирање во оваа современа еколошка технологија која подразбира оптимизирање на процесот на галванизирање на жицата.

Кога ублажувањето на климатските промени е од исклучителна важност, „Брако“ инвестира и во фотоволтаична електрана која што дел е пуштена во работа. До крајот на годинава ќе има вкупно инсталирана моќност од 1,5 MW, со што годишно ќе се произведуваат 2.250 MWh електрична енергија што ќе обезбеди 40 проценти од потрошувачката на „Брако“, а при тоа ќе се редуцираат 2.000 тона CO2e на годишно ниво.

Проектната документација за новиот погон на технолошки најсовремените „Грин Машинс“ возила за одржување хигиена на надворешни површини се завршува и ќе биде предадена во соодветните институции на локалната самоуправа со цел доделување на одобрение за градба на површина од 4.200 метри квадратни. Тука ќе се произведуваат двата нови модели од производствената линија на „Грин Машинс“, GM720ze и GM955, комплетно развиени, од концепт до готов производ од инженерскиот тим на „Грин Машинс“.

Scroll to Top