Џон Њуман, Бурак Јетер и Констракта ќе настапат на „Егзит“ во Струмица

На второто издание на „Get EXITed“ настанот во Градскиот парк во Струмица на 7 септември пристигнуваат возбудливи светски и регионални имиња. На овој спектакл, кој минатата година го посетија повеќе од 20.000 луѓе, ќе настапи мега-ѕвезда – единствениот продуцент, пејач, текстописец и диџеј Џон Њуман, кој со години суверено ја носи титулата поп и соул ѕвезда.

Во Струмица пристигнува и творецот на најголемите светски хитови Бурак Јетер, кој на овогодишниот „Егзит“ фестивал со спектакуларен настап до утро ги држеше разиграни десетиците илјади фанови пред Главната бина Горки Лист. Тие ѝ се придружуваат на неповторливата Констракта, а уште имиња ќе бидат објавени набргу. Струмичкиот „Get EXITed“ го организира „Егзит“ тимот во соработка со Општина Струмица, влезот на овој голем настан е слободен, додека за заинтерсираните посетители кои имаат желба за ВИП секција, на овој линк има повеќе информации и детали.

„Од првиот ‘Егзит’, гостите од Северна Македонија беа меѓу најбројните и особено задоволство ни е, уште еднаш да ја донесеме моќната енергија на Егзит фестивалот во Струмица. Минатогодишното издание ги надмина сите очекувања, за време на настанот немаше слободно сместување во околината на Струмица, туристите дојдоа од целиот регион, а на 7 септември со најголемите глобални и регионални имиња продолжуваме во уште посилен ритам“, најавува основачот и директор на Егзит Фестивал Душан Ковачевиќ.

Scroll to Top