Ерик Кантона за Роналдо: Треба да разбере дека веќе нема 25 години и не може да игра на секој натпревар

Легендарниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Ерик Кантона зборуваше за Кристијано Роналдо и неговото заминување од англискиот клуб. Кантона рече дека Роналдо треба да прифати дека е влезен во последната фаза во кариерата и дека неговото однесување кон тренерите е некултурно.

„Јас одлучив млад да заминам во пензија. Ама тоа е друга работа. Сега некои сакаат да играат и до 40 години. Имате два типа на фудбалери, оние кои сакаат да играат на секој натпревар, затоа што уште мислат дека имаат по 25 години и оние кои разбираат дека не се веќе дваесет и петгодишни. Вторите знаат дека нема да играат на секој натпревар, но дека се тука за да им помогнат на помладите фудбалери. Нивната работа е да им помогнат на помладите, како што тоа го прават Златан Ибрахимовиќ во Милан, а пред него и Паоло Малдини. Тоа во Манчестер Јунајтед го правеше Рајан Гигс“, рече Кантона.

Потоа направи паралела со случајот со Кристијано Роналдо и неговото враќање во тимот на Олд Трафорд. Роналдо сè уште не може да свати дека нема повеќе 25 години. Постар е и треба да разбере дека наместо да се буни што не игра на секој натпревар, треба да разбере дека нема 25 години и дека не може да игра на секој натпревар. Треба да ја прифати ситуацијата и да им помогне на помладите“, објасни Кантона.

Објасни дека тоа е како и сè во светот. Има луѓе кои прифаќаат дека се стари и оние кои не можат да го прифатат тоа.

„Мораме да ги прифатиме годините. Тоа се однесува на сè што работиме во животот, не само на фудбалот“, рече Кантона.

Французинот се прости од фудбалот пред 30 години, откако му помогна на Јунајтед да освои четири титули во Англија во пет сезони. Од тогаш изгради кариера и во филмската индустрија како глумец, режисер и продцент. Во разговор за медиумите призна дека е свесен колку е тешко човек да се помири со пензијата, а додаде и дека сочувствува со Роналдо, споредувајќи го крајот на неговата кариера со смрт.

„Не можам да трчам толку брзо како кога имав 30 години. Тоа морам да го прифатам, исто како што морам да прифатам дека еден ден ќе умрам. Тешко е да се прифати тоа, но мораме. А крајот на кариерата е како и умирачката. Тоа е мала смрт“, рече Кантона.

 

Scroll to Top