Француската министерка Марлен Скиапа позираше за насловната страна на „Плејбој“. Во интервјуто на 12 страни зборуваше за позицијата на жената и ЛГБТ заедницата во Франција. Скиапа во моментов е министер за социјана економија, а претходно беше прв државен секретар за родова еднаквост.
Веќе некое време се бори против семејното насилство и родовите напади и злоставувањето. Откако излезе на насловна на „Плејбој“, голем број од членовите и во нејзината партија почнаа да ја напаѓаат.
Ја критикуваше и премиерката Елизабет Борн, која рече дека нејзиното појавување во ова списание не е соодветно, особено во овој момент. Франција веќе некое време е во политичка и социјална криза, по одлуката на претседателот Емануел Макрон да го промени законот за пензионирање.
Макрон во екот на скандалот околу насловната страница на Скиапа на „Плејбој“ даде интервју за познатото детско списание во Франција „Пиф Гаџет“.
„Во земја каде што претседателот се рекламира во „Пиф“, а министерката во „Плејбој“, проблемот е наводно опозицијата. Франција забега“, напиша на Твитер францускиот политичар Жан-Лук Меланшон, кој на претседателските избори во 2022 година го освои третото место.
Скиапа им одговори на критичарите на „Твитер“.
„Одбраната на правото на жените да имаат контрола над своето тело се одвива секогаш и секаде. Во Франција жените се слободни, со должна почит кон критичарите и лицемерите“, напиша таа.
Еден од малкумината француски политичари кои застана на нејзина страна е министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен, кој во интервју за телевизијата „CNews“ рече дека е жена со силен карактер.
„Марлен е храбра политичарка која има карактер и свој стил. Можеби тоа не е мој стил, но јас го почитувам“, рече тој.