(Галерија) Концерт за паметење на Андре Риу: музичко сценско шоу и „Македонско девојче“ на бис

By

Музичка магија на вчерашниот концерт на кралот на валцерот Андре Риу со неговиот оркестар „Јоханес Штраус“ составен од 60 музичари и вокали, среде Скопје.

dobivaj vesti na viber

Топла добравечер, единствено нешто што Риу го научил на македонски, но како што рече на почетокот на концертот, музиката ќе биде единственото средство со кое ќе комуницираат.

Вистинска музичка терапија и за очи и за уво приреди холандскиот композитор и диригент, кој со години се наоѓа на врвот на листата за најпродавани концерти во светот. Не беше исклучок ниту вчерашниот концерт во „Борис Трајковски“ каде преполната сала уживаше во музичкото сценско шоу, со раскошните костими на оркестарот, видеобимови, светлосни ефекти и вештачки снег за тематските музички изведби.

Танцувањето беше дозволено, па неколку парови од публиката заиграа валцер. Моментот на кулминација беше со „Македонско девојче“, песната со која Андре ја испочитува македонската публика дури два пати. Се пееш како во хор, се играше, аплаудираше. Во публиката присутни и млади и стари, сведочеа на концерт полн со емоции кој долго ќе се памети.

Филмски мелодии, мјузикли, опера и традиционална музика со што класичната музика Андре Риу и оркестарот ја доближи до публиката од најразлични генерации.

Ова беше второ гостување на Андре Риу во Скопје, првото беше во 2019 година. Тој требаше да одржи концерт минатата година во ноември, но поради пандемијата концертот беше одложен.

Риу се наоѓа на првото место на над 30-тина топ-листи, добива 500 Платинум награди и продава повеќе од 40 милиони ЦД и ДВД изданија. Неговите видеа на „Јутуб” надминуваат милијарда прегледи, а неговиот „Фејсбук” има 5 милиони следачи. Ова се само дел од причините зошто „Њујорк тајмс“ го нарекуваат вистински „маестро на публиката”.

Фото: Пасворд Продукција

Ќе ви се допадне