Ѓоковиќ ќе добие виза и ќе може да игра на Австралија опен 2023

Новак Ѓоковиќ ќе добие виза од австралиската влада и ќе може да игра на Отвореното првенство на Австралија во јануари. Светскиот тенисер јануари годинава му беше забранет влез на турнирот затоа што одби да се вакцинира против коронавирус.

Сега министерот за имиграција Ендрју Гајлс му ја укина тригодишната забрана за влез во земјата и му одобри виза, пренесе „Гардијан“.

„Досега немаме добиено ништо официјално. Тениските власти комуницираат со владата и тоа е сè што знам“, рече Ѓоковиќ.

За потсетување, поранешниот австралиски министер за имиграција Алекс Хок, годинава му ја поништи визата, сметајќи дека присуството на Ѓоковиќ во Австралија би можело да предизвика „граѓански немири’, имајќи предвид дека некои го сметаат за симбол на антиваксерското движење.
Откако го изгуби случајот пред Федералниот суд, Ѓоковиќ го депортираа од земјата. Властите во меѓувреме го укинаа барањето за задолжително вакцинирање на странци кои влегуваат во земјата.

Scroll to Top