Хрватски режисери ќе го отворат „Киненова“ со филмот „Чичко“: знаевме дека Мики Манојловиќ мора да ја има главната улога

Хрватскиот филм „Чичко“ во режија и сценарио на дебитантите Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните улоги ќе го отвори осмото издание на меѓународниот фестивал на дебитантски филм Киненова.

Отворањето ќе биде со почеток во 20 часот во киното Милениум.

Горан Богдан не е за прв пат во Скопје, имал можност досега да биде дел и од други фестивали. Во рече дека моментов активно работи на новите продолженија на сериите „Сенки над Балканот“ и „Мочуриште“.

Интересно е што Богдан и двајцата млади режисери заедно биле на студии, а воедно режисерот Андрија Мардешиќ е сосед со Богдан.

Младите режисери истакнаа дека седум години работеле на создавање на сценариото, но сигурни биле само во едно, дека Мики Манојловиќ ќе ја има главната улога. На почетокот имале несериозен пристап во создавањето на филмот „Чичко“, но на крајот како што велат филмот испаднал сериозен. Тоа го покажува неговото прикажувањето на најразлични филмски фестивали во Европа.

Премиерата на филмот „Чичко“, беше на фестивалот „Карлови вари“ во Чешка во програмата „Проксима“ која промовира млади актери и како што велат Андрија и Давид, чудни филмови.

Потоа филмот имал премиера во Хрватска на филмскиот фестивал во Пула.

Овој филм е мешавина на психолошки трилер со елементи на црна хроника, драма и хорор.

„Тешко е да се создава филм со двајца режисери. Заедно се правиме, но нема некој што е повеќе режисер, а помалку сценарист“, велат хрватските режисери.

Филмот започнува со чудна атмосфера во едно семејство пред да пристигне авторитетниот вујко од странство. А кога тој пристигнува, неговите роднини го пречекуваат пред куќата мавтајќи. Таткото на семејството во случајов Горан Богдан е нервозен, дваесет и нешто годишниот син се однесува како незрел тинејџер, додека мајката има подготвено мисирка, а колачите изгорени црни како јаглен. Вака започнува воведот во филмската приказна „Чичко“.

„Кога го правевме филмот имавме многу ментори, тие ни кажуваа и водеа кон некоја божиќна и семејна драма. Но ние само знаевме што не сакаме да има во филмот“, велат хрватските режисери.

Меѓународниот филмски фестивал Киненова ќе се одржи од 7 до 14 октомври, филмските премиер ќе се случуваат во кино Милениум и Кинотека.

Новото осмо издание на меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“ оваа година ќе се одржи со само 500 илјади денари поддршка од Агенцијата за филм.

Scroll to Top