„Индекси и пријателите“ ја почнаа турнејата без Тамара, пејачката откажа од приватни причини

„Индекси и пријателите“ ја почнаа регионалната турнеја во Љубљана, но без Тамара Тодевска, која од приватни причини не може да учествува на концертите. Таа нема да пее и на концертот во Скопје, што ќе се одржи в петок (28 октомври) во Филхармонија.

Шеесеттиот јубилеј на култниот сараевски бенд ќе се одбележи со пет концерти, а ќе настапат 20-тина врвни музичари од регионот. На турнејата се приклучија членови на бендот: Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Синан Алимановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, легендарниот клавијатурист на Бијело Дугме кој музичката кариера ја почна во Индекси, и гитаристите Мурис Варајиќ и Иван Кукиќ. Тие заедно со пејачите Дадо Топиќ, Саша Драгаш, Дејан Цукиќ, Бранко Ѓуриќ–Ѓуро, Дино Јелушиќ, Нермин Пушкар, Бојана Стаменов, Амел Ќуриќ, Аида Мушановиќ- Арсиќ, Сара Војичиќ, и Нено Белан ќе настапат во Скопје.

Индекси важи за најдолготрајната и најзначајната босанска поп-рок група и една од најдобрите екс-ју бендови кој работеше од 1962 до 2001 година. Последниот концерт бендот го одржа на 5 мај 2001 година во Бања Лука. По смртта на пејачот Даворин Поповиќ на 18 јуни 2001 година, групата се растури. Гитаристот Слободан Бодо Ковачевиќ почина 2004 година, тапанарот Ѓорѓе Кисиќ во 2005 година, а неодамна почина и легендарниот Корнелије Бата Ковач.

Scroll to Top