Ќе го купам Манчестер јунајтед, Илон Маск се пошегува на „Твитер“ со навивачите на англискиот клуб

Најбогатиот човек на светот Илон Маск се пошегува со навивачите на Манчестер јунајтед, откако ги излажа на „Твитер“ дека сака да го купи англискиот клуб.

„И така, го купувам Манчестер јунајтед. Нема на што“, им напиша кратко Маск, а потоа следеше уште еден негов твит во кој објасни дека се шегувал и дека нема намера да го направи тоа.

„Не купувам ниту еден спортски тим. Ова е само шега“, им порача на навивачите и додаде дека нема намера да ја купи ни „Кока Кола“.

Не е тајна дека навивачите на Јунајтед не ги сакаат во моментов американските сопственици, семејството Глејзер. Во повеќе наврати се обидоа да ги натераат да го продадат клубот.

Така беше и минатата година кога раководството на клубот сакаше да влезе во Суперлигата Европа, која ја направија претседателот на Реал Мадрид Перез и на Јувентус Ањели. Првите луѓе на Манчестер, неодамна ги критикуваше и легендарниот англиски фудбалер, Гери Невил.

За потсетување, Манчестер јунајтед ја почна катастрофално сезоната во Премиер лигата и по првото коло се најде на последното место на табелата.

 

 

 

Scroll to Top