Македонија оваа година ќе биде домаќин на Светското првенство во латино танци, кое ќе се оддржи од 6-ти до 11-ти ноември во хотел „Александар Палас“ во Скопје.
Светското првенство во латино танци ќе биде прво од оваа категорија, која ќе се организира кај нас и прогнозите се дека ќе учествуваат повеќе од 20 земји и над 1000 учесници, кои ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини. Организатори на првенството се танцовите студија „Eat the Beat“ и „Break a Leg“.
Овие две танцови студија во минатото имаат организирано низа европски и светски првенства под палката на Интернационалната танцова организација, преку кои се промовира нашата држава во најдобро светло.
Првото првенство организирано од страна на танцовите студија „Eat the Beat“ и „Break a Leg“ беше Европското првенство во Street dance show во 2018 година. Во 2021 година го организираа Европското првенство во модерен и класичен балет, а во 2022 и 2023 година беа домаќини на Европското првенство во хип-хоп танци.
Поради добрата организација на овие првенства, Интернационалната танцова организација им ја додели довербата на танцовите студија „Eat the Beat“ и „Break a Leg“ да го организираат и Светското првенство во латино танци оваа година, но и Светското првенство во хип-хоп 2024.