Океаните ја достигнуваат највисоката температура досега: ова носи страшни последици за планетата

Океаните ја достигнаа највисоката температура досега забележана поради климатските промени, кои имаат страшни последици за планетата.

Океаните, кои покриваат речиси 71 отсто од површината на нашата планета, не само што обезбедуваат дом за богат растителен и животински свет, туку и играат клучна улога во регулирањето на климатските промени.

Просечната дневна глобална температура на површината на морето оваа недела го надмина рекордот поставен во 2016 година и достигна 20,96 степени Целзиусови, многу над просекот за овој период од годината, соопшти службата за климатски промени на ЕУ, Коперник.

Океаните се витален регулатор на климата бидејќи апсорбираат топлина, произведуваат половина од кислородот на Земјата и влијаат на временските услови, јавува Би-Би-Си.

Се вели дека потоплите води имаат помала способност да апсорбираат јаглерод диоксид, што значи дека повеќе од гасот што ја загрева планетата ќе остане во атмосферата. Исто така, може да го забрза топењето на глечерите, што ќе доведе до поголем пораст на нивото на морето. Високите температури на океаните ги нарушуваат морските видови како што се рибите и китовите додека се движат кон поладни води, нарушувајќи го синџирот на исхрана, а експертите предупредуваат дека може да бидат засегнати рибните резерви.

„Ги ставаме океаните под поголем стрес од кога било досега“, вели д-р Мет Фрост од Лабораторијата за поморски науки во Плимут, Велика Британија, мислејќи на фактот дека загадувањето и прекумерниот риболов исто така ги менуваат океаните.

Научниците исто така се загрижени за времето од годината кога е поставен овој рекорд, при што Службата за климатски промени Коперник наведува дека март треба да биде време кога океаните се најтопли на глобално ниво, а не август.

Зошто океаните се толку топли сега се уште е предмет на истражување на научниците, но тие веруваат дека климатските промени се она што ги прави океаните потопли бидејќи тие апсорбираат најголем дел од затоплувањето од емисиите на стакленички гасови.

„Колку повеќе фосилни горива согоруваме, толку повеќе вишок топлина ќе апсорбира океанот, што значи дека ќе треба подолго време да се стабилизира и да се врати во претходната состојба“, објаснува др. Бурџис.

Во јуни, температурите на водата во Велика Британија беа 3 до 5 Целзиусови степени над просекот, покажуваат податоците на Метеоролошката канцеларија и Европската вселенска агенција.

Во Флорида, температурата на површината на морето минатата недела достигна 38,44 степени Целзиусови, што може да се спореди со температурата на топла када.

Нормалната температура на океаните треба да биде помеѓу 23 и 31 Целзиусов степен, според Националната управа за океани и атмосфера. Топлотните бранови во морињата се удвоиле со зачестеност во периодот од 1982 до 2016 година, а утврдено е дека тие станале поинтензивни и подолготрајни од 1980-тите.

Иако температурите на воздухот драстично се зголемија во последните години, на океаните им треба подолго време за да се загреат, иако тие апсорбираа 90 проценти од затоплувањето.

Scroll to Top