Почина италијанскиот милијардер Леонардо Дел Векио кој ги направи популарни очилата „Рејбан“

Вториот најбогат човек во Италија, Леонардо Дел Векио, почина на 87 години. Познат е како магнат за очила, и човек кој ги направи популарни брендовите „Рејбан“, „Оукли“ и „Персол“.

Дел Векио беше еден од најуспешните италијански бизнисмени кој самиот изгради светска компанија која помогна очилата да се претворат во посакуван и скап моден додаток. Неговото богатство се проценува на 27,3 милијарди долари, според листата на светски милијардери на „Форбс“ за 2022 година.

Дел Векио беше на интензивна нега во болницата Сан Рафаеле во Милано во последните неколку недели, каде што починал. Роден на 22 мај 1935 година во Милано во сиромашно семејство, дел од младоста поминал во сиропиталиште и почнал да работи како тинејџер. Тој во 1961 година основал сопствена компанија „Луксотика“, снабдувајќи ја оптичката индустрија со компоненти за очила. Една деценија подоцна, Дел Векио донел стратешка одлука да ги контролира сите делови од производниот процес, па „Луксотика“ почна да прави свои очила, дистрибуирајќи ги низ Италија.

Дел Векои ја забележа предноста да се создаде партнерството со брендовите за моден дизајн, па склучи договор со Џорџо Армани, а потоа ги купи брендови за очила како „Рејбан“, „Оукли“ и „Персол“. „Луксотика“, исто така, купи неколку продавници на мало, како „Ленс крафтерс“ и „Сангласис хатс“, кои ѝ овозможија на компанијата директно да го искористи потрошувачкиот пазар без посредници.

Во 2018 година, „Луксотика“ се спои со францускиот „Есилор“ и стана „ЕсилорЛуксотика“, а Дел Векио беше претседател на новата компанија. Во 2021 година компанијата оствари приход од 19,8 милијарди евра.

Scroll to Top