Првата фотографија од телескопот „Џејмс Веб“ ги покажа најдалечните галаксии во универзумот

НАСА ја објави првата фотографија од најдалечните галаксии како што биле пред 13 милијарди години, што е првиот производ од најмоќниот телескоп испратен во вселената досега, кој треба да помогне во нови сознанија за почетокот на универзумот.

На неа може да се видат илјадници галаксии, меѓу нив и најтемните објекти некогаш регистрирани со телескоп. Ова парче од огромниот универзум, според НАСА, за споредба претставува дел од небото со големина приближно на зрно песок, кое го држи човек во рака на Земјата.

Малиот дел од универзумот, наречен SMACS 0723, беше фотографиран во богати детали од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (ЏВСТ) и покажува светлина од многу галаксии. Американскиот претседател Џо Бајден, кој ја откри фотографијата во Белата куќа, го нарече овој момент историски и додаде дека тој овозможува „нов прозорец во историјата на нашиот универзум“.

Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, објасни дека фотографијата покажува светлина од галаксиите што се наоѓаат околу други галаксии, кои патувале милијарди години пред да допрат до телескопот.

„Гледаме повеќе од 13 милијарди години наназад“, рече тој додавајќи дека новите фотографии што ќе ги објави Американската вселенска агенција ќе достигнат уште подалеку, околу 13,5 милијарди години, што е блиску до почетната точка на универзумот. „Се враќаме назад речиси до почетокот“, посочи Нелсон.

Оваа е најава за серијата фотографии во боја со висока резолуција од ЏВСТ, која НАСА ќе ги објави денеска. Според Нелсон, тие ќе бидат најдлабоките фотографии од нашиот универзум направени досега.

Scroll to Top