Сексапилот е дел од мојот музички израз, интервју со Лола Астанова пред концертот во Скопје

Светски познатата пијанистка Лола Астанова на 2-ри јуни ќе има концерт во Скопје. Таа е позната по иновативната аудио-визуелна изведба на пијано, екстремниот број следбеници на социјалните мрежи, но и голем број обожаватели ширум светот.

Лола на Скопје ќе му приреди, ексклузивен и интимен концерт. Во разговор со Репортер, таа истакна дека првпат ќе настапи пред македонската публика иако досега имала многу пати понуди да одржи концерт во Скопје.

„Можам да ветам дека програмата ќе биде забавна и возбудлива, но треба да бидете таму за да знаете што точно подготвувам“, рече Лола за Репортер.


Од кога знае за себе, знае и за љубовта кон музиката. Па така продолжила да се развива како уметник.

„Како дете, имав амбиција да станам светски познат пијанист. Кога го споделив тоа со татко ми, тој беше малку скептичен и рече: „Има многу малку примери на луѓе кои го постигнале тоа“, на што јас одговорив: „Па, тогаш јас ќе бидам еден од тие малкумина“. Мојата професорка по пијано Тамара Поповиќ беше слика на сила, дисциплина, решителност и неверојатна работна етика. Баба ми е уште еден пример за вредна, силна, но многу љубезна жена, која секогаш ја правела вистинската работа, дури и кога било тешко“, раскажа Лола.

Музиката може да го промени светот, но и личноста. Таа вели дека никогаш не можела да се види себеси без музика, па тешко и е да каже како ја променила.

„Таа е дел од мојот идентитет, мојата ДНК. Но, музиката дефинитивно има способност да влијае на луѓето на голем начин, да им даде надеж, да понуди засолниште од бурите или да избега од секојдневниот живот. Да инспирира и да верува дека животот може да биде убав. И кога добивам писма од луѓе кои велат дека мојата музика им дала сила да ги поминат најтешките моменти во нивните животи, тогаш целосно ја ценам моќта на музиката и се чувствувам најблагодарна“, вели Лола.

Лола е родена во Тешкент, Узбекистан град кој на светот му подари две големи пијано ѕвезди Лола Астанова и Бехзод Абдураимов.

Во аудио-визуелните изведби нејзиното тело е дел од уметничкиот израз, за што Лола вели дека едното станува продолжение на другото. „Луѓето често коментираат дека се чувствуваат како да станувам едно со пијаното кога настапувам, што е нешто што секогаш со задоволство го слушам“.

За нејзините настапи костимите и кореографијата ги прави самата.

Настапот во „Карнеги Хол“ за неа е најголемата пресвртница во кариерата, и најпрестижното место каде настапувале големи музички ѕвезди.

„Тоа беше незаборавна ноќ сигурно. Но, секое место и секој град има посебно чувство, своја уникатна атмосфера, така да се каже. И не мора да се работи за големината на салата или толпата, туку за врската што ја правам со публиката. Тоа е многу поспецијално за мене“, вели Лола и додава дека најмногу сака да настапува во Источна Европа и Балканот затоа што го сака темпераментот и енергијата на луѓето.

Таа е активна на социјалните мрежи и има милион следбеници на Инстаграм, а нејзините објави имаат и половина милијарда прегледи. Исто така магазинот „Лајмлајт“ ја прогласи Лола Астанова за една од 10-те модни икони на класичната музика. Љубовта кон модата и модерниот пристап во комуникацијата со јавноста е одличен начин директно да се поврзе со слушателите и обожавателите.

„Вистина е дека создадов доста голем број следбеници свирејќи претежно класична музика и мило ми е што многу луѓе кои можеби мислеа дека класичната музика не е лесно достапна или застрашува, ја прифатија преку моите изведби“, вели Лола.

Лола на 2-ри јуни ќе одржи концерт во Скопје, во организација на Прагма продукција.

 

 

Scroll to Top