Средношколци од Скопје измислија електронска сигнализација за велосипед

Ученици од Средното стручно училиште во Скопје „Михајло Пупин“ направија иновација за велосипед кој има електронска сигнализација со дисплеј на задниот дел, сместена под седиштето. Инспирирани од сообраќајните незгоди кои се случуваат се почесто на улиците, а најголем дел од жртвите се велосипедисти.

„Велосипедистите обично го користат стариот метод при движење со покажување знаци со рацете. Затоа ученичката компанија MPSettings дојде до идеја да го реши овој проблем со помош на производ кој ќе врши електронска сигнализација со дисплеј“, рекоа од училиштето.

Целта на компанијата MPSettings e велосипедистите да возат побезбедно и посигурно во сообраќајот со едноставен, лесен и евтин уред кој ќе овозможува сигнализација со помош на дисплеј поставен од задната страна на велосипедот.

„Направена е плочка со печатено коло, асемблирани се компонентите, а за конструкцијата дополнително се направени и кутии со помош на 3D-принтер. Се состои од микроконтролер, дисплеј, џојстик за контролирање четири начини на работа, за оптимизација се користи прекинувач и за напојување батерија. Дополнително е потребно и програмирање на микроконтролерот, а исто така може брзо и лесно да се постави на велосипедот. Производот може да го користат велосипедисти од сите возрасти. Но, уникатно е тоа што целната група може да се прошири и производот не мора да се користи само за велосипеди, туку и за инвалидски колички, па дури и електронски тротинети, а за во иднина со можност за надоградување и далечинско контролирање за користење и на запрежни возила, трактори“, стои во описот на иновативниот производ кој е единствен на пазарот.

Пет ученици од Средното стручно училиште „Михајло Пупин“  со нивниот наставник ментор Стефана Христовска и со ученичката компанија МPSettings присуствуваа на Националниот натпревар на најдобри ученички компании за учебната 2021/2022 година. Тимот на МPSettings се состои од учениците: Фидан Маџоски, Дори Иванова, Дијана Бошкоска, Горјан Јанковски и Никола Атанасоски.

Визијата на MPSettings е да направат повеќе електрични уреди што ќе решаваат одредени проблеми во сообраќајот и ќе бидат од корист во општеството.




Scroll to Top