Стотици златни ретривери деновиве во Шкотска им изразија почит на првите од својата раса

Стотици златни ретривери од целиот свет беа донесени деновиве во Шкотска на имотот на некогашниот лорд од Твидмаут, сер  Дадли Марџорибенкс, за да им оддадат почит на првите примероци од својата раса на шкотските гори. Аристократот пред 155 години бил првиот кој чувал златни ретривери.

Внимателно вкрстувал раси за да создаде ловџиско куче. На свеченоста, низ звуците на шкотски гајди парадираа кучиња од Канада, САД, Нов Зеланд, Јапонија, Австралија, Германија, Романија, Чешка, Италија, Хрватска и Естонија, а потоа се дружеа самите во дворот на имотот Гисахан Хаус.

Прајмроуз, Кауслип и Крокус биле првите од својата раса, окотени од твид воден шпаниел, раса што повеќе ја нема. Дури во 1913 година златниот ретривер е официјално признаен за посебна раса, а во шеесеттите години имотот на лордот од Твидмаут почнал да се распаѓа.

Во негова чест, сопствениците на златни ретривери со своите миленици на секои пет години во средината на јули ги посетуваат урнатините од имотот за да се дружат, да разменуваат искуства, да следат демонстрации и трибини, како и да учествуваат на парадата.

„Целта на собирот е да се чува и споделува знаењето за расата, да се заштитат квалитетите и темпераментот на златните ритривери“, рече Керол Хенри, секретарка на Шкотскиот клуб на златни ретривери, која укажа дека расата била загрозена од неодговорни одгледувачи.

Тоа било случај особено во периодот на рестрикциите за време на пандемијата.

Scroll to Top