Драган Божино (29) од Кавадарци е уметник кој има поинаков пристап кон уметноста со своите дела. Тој неодамна ја имаше изложбата на која претстави дела изработени од ПМ10 честички во „Куќата на Европа“.
Задоволен е како помина изложбата во Скопје, па сега највува и нова која треба да се одржи на 19-ти април во Крива Паланка.
„Не очекував толку голем број на посетители и толку многу коментари. Драго ми е што на некој начин пораката се пренесе и допре до голем број луѓе“, вели за Репортер, Драган Божино.
Тој има завршено факултет за графички дизајн, а моментално и на специјалистички студии за графички дизајн. Работи како креативен директор во маркетинг агенција. Во областа за графичкиот дизајн има учествувано на многу групни интернационални изложби на кои има освоено први и втори места. Покрај графичкиот дизајн, уметничките слики му останале како љубов која ја негува од мали нозе.
Јавноста Божино го запозна како уметник кој правеше слики со талог од кафе.
„Со техниката талог од кафе започнав во 2011 година, а првата самостојна изложба ја направив во 2014. Потоа следеа групни изложби и уште една самостојна изложба проследена со перформанс“, вели Божино.
Идејата да ја претстави иновативната страна на уметноста ја добил од загадувањето на воздухот, тема која е актуелна посебно во зимскиот период.
„Сите сме свесни во какво општество живееме и колку е голем процентот на загадениот воздух во нашата држава, а таа тема е актуелна само во зимските периоди. „Факт: Загадувањето на воздухот е „новиот тутун“ од кој годишно умираат околу 7 милиони луѓе, а милијарди се со нарушено здравје“, информираат од СЗО. Поради овој факт заедно со иноваторот на прочистувачот за воздух Ивица Поцков одлучивме да направиме проект каде што ќе ги споиме иновативноста и уметноста и ќе биде прв и единствен во светот. Цел на изложбата беше преку уметничките слики да испратиме моќна порака за да се подигне свеста кај народот и сите да бидеме гласни кога станува збор за загадување. Сите сме заедно во оваа “борба“. Да иницираме промена! – Ако со отровот креираме уметност, тогаш треба да се запрашаме, зошто?“, вели уметникот Божино.
ПМ10 честичките со кои Драган изработува слики се собрани од прочистувачот за воздух Аеро С кој е поставен во Општина Центар од страна на Ивица со неговиот тим. Честичките потоа се преработени во уметнички дела.
„Процесот не беше лесен. Сепак се работи за отровен материјал, но на крај сѐ излезе како што треба. Иако се помали од 10 микрометри се најопасни бидејќи се вгнездуваат длабоко во белите дробови и некои можат да навлезат дури и во крвотокот. Знаејќи ги овие факти и каков сѐ ризик носи ова, одлучив целосно да навлезам во оваа приказна и направам нешто што ќе остане. Сè уште си го сакам животот па морав да се заштитам. За време на изработката на сликите бев целосно заштитен, со заштитна маска, наочари и ракавици, но морам да признаам дека и покрај тоа што сум заштитен на самиот почеток имав страв“, раскажува Божино.
За целите на изложбата има и промотивно видео за полесно да се види целиот процес за изработка на уметничките дела.
Драган Божино: Сметам дека ова прашање е доста длабоко и дискутабилно. Денес скоро секој сака да биде успешен. Но, делува дека е многу полесно да се каже отколку да се направи. Немањето јасни цели и фокус кон работите кои сакаме да ги реализираме се главен проблем на остварување на идеите. Сметам дека треба да се размислува нематеријално кога станува збор за проекти кои сакаме да донесат успех. За градење на успех е потребно време и многу залагање и ништо не доаѓа преку ноќ. Така што со јасна цел и идеја секогаш ќе бидеме впечатливи.
Габриела Додевска