(Видео) Од хебрејски до јапонски и баскиски, Босанецот Мухамед Мешиќ кој зборува 80 јазици стана хит

Босанецот Мухамед Мешиќ стана хит откако откри дека може да зборува 80 јазици. Многумина овој полиглот од Тузла го сметаат за феномен поради талентот постојано да учи и запомнува нови зборови и јазици.

Првиот странски јазик го научил спонтано додека со семејството бил на одмор во Грција. Основото и средно образование го завршил за време на војната во Тузла, а во тоа време често се среќавал со војници од УНПРОФОР од Шведска, Пакистан и Норвешка и во разговор со нив ги научил нивните јазици.

Досега има работено во повеќе од 20 земји на четири континенти. Бил и советник на градоначалник на Тузла, а во моментов работи на одделот за осигурување како виш советник во Keller Grundbau во Виена. Дипломирал право во Австрија. 

„Првиот странски јазик кој го научив како дете беше грчкиот, кога бев на одмор во земјата со родителите. Нивниот јазик ме инспирираше. Седев под сенка и ги слушав газдарицата и ќерка ѝ како разговараат за секојдневни работи. Се сеќавам дека мојот прв збор научен на грчи беше  машина за перење. Тоа ми остана во сеќавање“, рече Мухамед.

Мухамед рече дека знае од хебрејски до јапонски и баскиски и дека ниеден јазик не му е туѓ и дека брзо ги учи новите.

„Важно е да се има желба и волја. Светот изгледа поинаку кога ги разбирате другите јазици. Поинаква е перспективата кога преведувате еден збор на неколку јазици“, рече Мешиќ за „Ал Џезира“.

Во просек му биле потребни две до три недели да ги научи основите на јазикот и да комуницира со луѓето.

„Знаете, понекогаш не е доволно само да сакаш, треба да бидеш и упорен. Така е и кога се во прашање јазиците и сите други науки. Мора да го пронајдете најлесниот и најефикасен начин да го совладате материјалот и ако сте упорни, успехот е неизбежен“, рече Мухамед.

Додаде дека рано во детството почнал да чита и пишува и дека му било многу природно да пишува од десно кон лево. Родителите читале што ќе напишел на огледалото, а и денес прави белешки на состаноците на хебрејски или арапски.

„Течно можам да зборувам некој јазик како кога комуницирате со некого во автобус. Јазиците што ги зборувам подолго, како англискиот, италијанскиот, португалскиот, турскиот, ги владеам доста добро“ рече Мухамед.

На почетокот на студиите го привлекувале јапонологијата, семитистиката и јудаистиката, а најблиските градови каде можел да ги изучува биле во Белград и Виена.

„Откако завршив градежно, работам во градежна фирма, а бидејќи завршив и право, работам како правник. Многу ги сакам  странските јазици и сакам да патувам, да запознавам нови луѓе, други култури и земји и ова е идеален ангажман за мене. Од 360 дена во годината, повеќе од 200 ги поминувам во авион. Секогаш патувам на разни предавања, семинари и обуки и не не се каам за тоа“, рече Мешиќ.

Scroll to Top