Моника Блажевска (32) од Скопје изработува скулптури од дрво, аранжирани со зеленило, мов, сукуленти и кактуси. Таа користи природни материјали во создавање уметност, а инспирација и е кинеската и јапонската флорна култура. По професија е уметник. Завршила средното уметничко училиште, а потоа на факултетот за Арт и дизајн. Талентот за цртање и создавање уметност, Моника го претворила во мал бизнис, кој ќе понуди уникатност и препознатливост.
На почетокот изработувала масло на платно, но поради тоа што оваа техника е скапа се одлучила да црта на текстил. Почнала да црта на фустани, кошили, чевли, чанти. А за одредени клинети таа изработува уметнички дела по нарачка.
Во малиот бизнис Моника е од нејзини 25 години. Денес исто така има свое ателје каде внела иновативност, изработува минималистички сулптури од дрва и гранки, декорирани со цвеќе, мов и сукуленти.
„Работам нешто ново, иновативно, повторно поврзано со уметноста и никако неможам да се откажам од уметноста. По пандемијата разгледав неколку решенија со што би можела да направам нешто ново профитабилно, евтино за клиентот и интересно. Повторно да е тоа уметност“, раскажа Моника за Репортер.
Првите дела со потпис на Моника кои биле продадени биле изработки масло на платно, уметнички теми, како портрети, пејзажи, ликови, ликови од миленичиња и портрети во комбинација со миленичиња.
„Сега во моментов правам мои уметнички дела, а тоа е една нова гранка која ја открив сама, тоа е цртањето на дрво како природен материјал. Наоѓам делови од исечено дрво, остатоци од корења па од нив изработувам скулптури. Почнав да истражувам како природниот материјал – дрвото какви бои можам да аплицирам на него, па уште вежбам некои техники, лакирам, експериментирам, мешам акрилни бои со маслени бои за да излезе нешто интересно“, рече младата уметница Блажевска.
Скулптурите од дрво се лесни за одржување. Мовот е природен и Моника го поставува во повеќе слоеви како перничиња со што се врзува со дрвото и воопшто нема потреба од вода. И мовот си има свој рок на траење, почнува да ја менува бојата, но по шест месеци или година. Одржувањето е со попрскување со малку вода, или дождовница. Моника вели дека некои од растенијата ги земаат и како домашни прочистувачи на воздухот.
Пред неколку месеци имала мала мини самостојна изложба на околу 10 –тина скулптури кои биле изработени од дрво од бор во комбинација со цреша и орев. На истите им биле направени метални конструкции за да можат да лебдат, потоа засадила на нив мов, сукуленти и кактуси.
Од уметност кај нас вели може да се живее, но ако имате коњски нерви. Нејзиниото искуство досега покажало дека е преморена од барање простор, финансиски средства, организација за одржување на самостојни ревии и изложби, иако досега ги има три. „Јас на 25 години основав фирма, прво моите од дома ми рекоа дека ќе заглавам, точно заглавив првите неколку месеци. Потоа повторно почнав од нула, земав нов локал и повторно почнав да се борам“, рече Моника Блажевска.
Габриела Додевска