По повеќе од 33 часа непрекината работа на терен, пожарникарите од ТППЕ Битола ги изгаснаа пожарите што изминатите денови зафатија повеќе села на територијата на општините Битола, Могила и Новаци.

Пожарите избувнаа на 12 август околу 15:30 часот, најпрво во селото Маково, по што огнени жаришта се појавија и во Граешница, Кукуречани, месноста Ергела и Гнеотино. Најтешка била борбата со огнената стихија во селата Ивањевци, Новоселани и Лознани.
Екипите на ТППЕ Битола со целокупниот расположлив капацитет интервенирале до 14 август во 01:00 часот по полноќ. Во текот на ноќта како поддршка се приклучиле и пожарникари од ТППЕ Кавадарци, како и Тимови за брз одговор од Дирекцијата за заштита и спасување со четири возила „пинцгауер“. Во гаснењето помагале и жители од локалното население.

Од пожарникарската единица информираат дека пожарите во сите погодени села се целосно изгаснати. Изгаснат е и пожарот во селото Лопатица, каде што исто така интервенирала екипа на ТППЕ Битола.
Во Маково пожарот е локализиран, но на мал дел од непристапен терен сè уште има чад. Станува збор за подрачје каде има експлозивни направи останати од Првата светска војна, поради што пристапот е отежнат и дополнително ризичен.
Од ТППЕ Битола посочуваат дека на сите локации станувало збор за подметнати пожари, кои претставувале сериозна закана за населените места.
Со навремената и професионална интервенција на пожарникарите и останатите ангажирани екипи биле спречени поголеми последици и опасноста да се прошири огнот кон куќи и други објекти.
Општина Битола упати благодарност до сите пожарникари, припадници на ДЗС и жители кои учествувале во гаснењето, за нивната храброст, пожртвуваност и професионалност.
Од Општина Битола и ТППЕ Битола апелираат до граѓаните на совесно и одговорно однесување и да не палат оган на отворен простор, со цел да се спречи повторување на вакви опасни ситуации.






